Кредитирањето на компаниите и домаќинствата во Еврозоната се зголеми во јули годинава и достигнаа највисока стапка на раст од пролетта 2023 година, покажуваат прелиминарните податоци од Европската централна банка (ЕЦБ).

Растот на кредитирањето е регистриран и покрај одлуката на ЕЦБ од јуни годинава за зголемување на каматните стапки, првпат по речиси три години.

Според податоците на ЕЦБ, минатиот месец обемот на кредитите исплатени на компаниите се зголемил за 4,4 проценти на годишно ниво, што е најголем раст од пролетта 2023 година. Во јуни тој раст изнесуваше четири проценти.

Во исто време, кредитите за домаќинствата се зголемиле за 3,1 процент. Во претходните седум месеци, тие пораснаа со годишна стапка од три проценти, па домаќинствата исто така го забележаа најбрзиот раст од пролетта 2023 година.

Индикаторот за парична маса М1, кој ги вклучува готовината во оптек и депозитите по видување, продолжи да забавува. Тој порасна за 3,1 отсто во јули, што е најмал процент од почетокот на минатата година. Во јуни, растот беше 3,5 проценти.

Најшироката мерка за паричната маса, монетарниот агрегат М3, кој ги вклучува и орочените депозити, се зголеми за 3,4 проценти во јули во споредба со истиот месец минатата година. Во јуни, неговиот растот изнесуваше 3,3 проценти.

На 11 јуни, Европската централна банка ги зголеми каматните стапки во Еврозоната првпат од есента 2023 година, за четвртина процентен поен. Целта беше да се ограничи инфлацијата предизвикана од зголемувањето на цените на енергенсите поради војната на Блискиот Исток.

Од 17 јуни, каматната стапка за рефинансирање на банките е 2,40 проценти, стапката за депозити по видување е 2,25 проценти, а стапката за кредитите на комерцијалните банки е 2,65 проценти. Следниот состанок на ЕЦБ ќе се одржи на 10 септември во Берлин.