„Во изминатите неколку години Народната банка спроведе значајни реформи во областа на платежните услуги и платните системи, со кои ја зголемивме конкуренцијата, ја унапредивме заштитата на потрошувачите и ја зајакнавме сигурноста на плаќањата“, истакна вицегувернерот на Народната банка Игор Величковски на состанокот на Иницијативата за политики за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), одржан во рамките на Светскиот форум за политики на Алијансата за финансиска вклученост (AFI Global Policy Forum), којшто се одржува во Порт Морзби.

„Усогласувањето со европските стандарди и пристапувањето кон Единствената област за плаќања во евра (SEPA) овозможија побрзи и поевтини плаќања во евра“, посочи Величковски, додавајќи дека Народната банка е насочена кон следниот значаен чекор – воспоставување систем за инстант-плаќања заснован на клонот на ТИПС, развиен во рамките на иницијативата на Европската централна банка за земјите од Западен Балкан.

„Овој систем ќе создаде основа за регионално поврзување на платните системи и постепена интеграција со европската платежна инфраструктура, овозможувајќи побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра со земјите од Западен Балкан и Европската Унија“, истакна тој.

Во своето обраќање вицегувернерот се осврна и на финансиската вклученост, посочувајќи дека Народната банка работи на измени на регулативата за платежна сметка со основни функции, со цел да се обезбеди пристап до основните банкарски услуги по фиксен надомест за поширок круг граѓани, вклучително и за социјално ранливите категории, кои често се соочуваат со ограничен пристап до финансиски услуги.

„Минатата година донесовме сет подзаконски акти со кои ја зајакнавме заштитата на потрошувачите, а во соработка со другите финансиски регулатори ја подготвуваме и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија“, додаде Величковски.

„Регулаторите треба да бидат доволно флексибилни за да ги поддржат финансиските реформи, но истовремено мудри и претпазливи за да обезбедат стабилност и вклученост“, истакна Величковски осврнувајќи се на предизвиците што ги носат дигитализацијата и новите технологии. Во тој контекст, тој нагласи дека регулаторите имаат сложена задача да го следат брзиот развој на финансискиот сектор, а истовремено да ги заштитат корисниците и финансиската стабилност.

„Во услови на светски финансиски предизвици и неизвесност, потребата од регионална и меѓународна соработка е од суштинско значење“, порача вицегувернерот, нагласувајќи ја посветеноста на Народната банка на натамошно споделување искуства и зајакнување на соработката со институциите од регионот и пошироко.