Македонската економија оди по нагорна линија во вториот квартал од 2026 година. Бруто-домашниот производ (БДП) пораснал за 4,3 отсто во однос на истиот период минатата година, покажуваат проценетите податоци на Државниот завод за статистика. Растот е повисок од оној во првиот квартал годинава, кога економијата порасна за 3,1 отсто, а истовремено претставува продолжување на позитивната динамика забележана во текот на минатата година.
Еден од највпечатливите податоци во статистиката е растот на градежниот сектор. Во вториот квартал од 2026 година, градежништвото пораснало за дури 21,9 отсто во реални услови во споредба со истиот квартал лани. Тоа е убедливо највисок раст меѓу поголемите сектори во економијата. За споредба, градежништвото во првиот квартал годинава имаше реален раст од 7,2 отсто, што значи дека во вториот квартал дошло до значително забрзување на активноста.
Номиналната вредност на производството во градежниот сектор во вториот квартал достигнала 14,9 милијарди денари, наспроти 12 милијарди денари во истиот период минатата година. Секторот очигледно има значајна улога во вкупниот економски раст, особено преку инвестициите во основни средства и градежните активности.
Друг важен двигател на економијата се инвестициите. Според податоците на Државниот завод за статистика, бруто-инвестициите во вториот квартал реално пораснале за 16,5 отсто во споредба со вториот квартал од 2025 година. Во номинална вредност, бруто-инвестициите достигнале 84,2 милијарди денари, наспроти 73,5 милијарди денари една година претходно.
Силна динамика има и кај надворешната трговија. Извозот на стоки и услуги во вториот квартал реално пораснал за 10,4 отсто, во однос на истиот период минатата година. Номиналната вредност на извозот достигнала 181,9 милијарди денари, што е значителен пораст во однос на 158,5 милијарди денари во вториот квартал од 2025 година.
Увозот на стоки и услуги реално пораснал за 12,5 отсто, а неговата номинална вредност достигнала 220,5 милијарди денари. Ова покажува дека економската активност е зголемена, но и дека домашната економија и понатаму во голема мера зависи од увозот на стоки и услуги.
Секторот кој ги опфаќа трговијата на големо и мало, поправката на моторни возила и мотоцикли, транспортот и складирањето, како и објектите за сместување и сервисните дејности со храна, во вториот квартал пораснал за 4,1 отсто. Земјоделството, шумарството и рибарството во вториот квартал забележале минимален пад од 0,1 отсто.