Холандската централна банка премести 86 тони од своите златни резерви од САД и Канада во Лондон, наведувајќи ги како причина „зголемените геополитички немири“. Холандската централна банка (De Nederlandsche Bank – DNB) објави дека златните резерви складирани во Лондон можат полесно да се тргуваат отколку со оние во Њујорк и Отава.

„Ова ѝ овозможува на DNB да ги користи најбрзо во кризна ситуација“, се вели во соопштението на банката, објавено од британскиот Гардијан.

„Со овој чекор, ја подобривме можноста за користење на златните резерви. Претпоставуваме дека никогаш нема да ни треба да користиме злато, но сепак е потребно да ја зајакнеме нашата отпорност и подготвеност“, рече претседателот на DNB, Олаф Слејпен.

Според податоците на DNB, вкупните златни резерви на Холандија на крајот на 2025 година изнесувале 612,4 тони, а нивната вредност била проценета на 72,2 милијарди евра, или 83,7 милијарди долари. Пред преместувањето, холандската централна банка држеше 31,3 проценти од своите златни резерви во Њујорк и 19,7 проценти во Отава. По оваа операција, секоја од овие две земји содржеше 18,5 проценти од холандските златни резерви.

Уделот на златото складирано во Лондон се зголеми од 18,1 на 32,1 процент, додека банката сè уште држи 30,8 проценти од своите резерви во Холандија. Банката објави дека трансферот делумно бил извршен преку купување и продажба, а делумно преку физичко преместување на златото. Повеќе од 27 тони физичко злато биле префрлени од САД и Канада во Зајст. Истата количина злато потоа била преместена од Зајст во Лондон, со што се избегнало топењето на златните прачки.

„Со комбинирање на купувањето и продажбата со физичкиот транспорт, ризиците поврзани со преместување на голема количина злато се распределуваат“, соопшти ДНБ. Операцијата била спроведена помеѓу март и август оваа година.

Претседателот на Националниот шалтер за злато со седиште во Париз, кој посредува во трговијата со злато во Франција, Лоран Шварц, рече дека централните банки ги прераспределуваат своите резерви веќе приближно десет години.

„Сегашниот политички контекст во Соединетите Американски Држави би можел да ги охрабри некои централни банки да дадат приоритет на други места за чување злато“, рече Шварц.

Според него, лондонскиот пазар е најдлабок и најликвиден, што го олеснува користењето на златото во кризни периоди. „Централните банки таму можат полесно да го позајмуваат своето злато на други банкарски институции“.

Аналитичарот на Cite Gestion Private Bank, Џон Пласард, процени дека целта на потегот на холандската централна банка е да „обезбеди поитна достапност на злато во случај на криза“. Засега, тоа е „прилично изолиран потег“, но Пласар предупреди дека довербата во Соединетите Американски Држави може да биде нарушена ако другите централни банки дејствуваат на ист начин.

На почетокот на годината, во Германија беа изразени загрижености во врска со безбедноста на резервите на германската централна банка што се чуваат во Њујорк. Сепак, влијателната германска Бундесбанка одлучи засега да не ги повлекува своите резерви од Њујорк.

„Федералната резервна банка на Њујорк е и останува важно место за чување на нашето злато“, изјави Бундесбанката за германскиот јавен радиодифузен сервис АРД во јануари.