Норвешкиот државен инвестициски фонд, вреден околу 2,3 билиони долари, предлага да ја намали изложеноста кон државни обврзници, при што најголемо намалување би имало кај американските државни обврзници. Целта е поголема диверзификација на ризикот и можност за повисоки приноси од други инвестиции.
Раководството на Norges Bank Investment Management предложило уделот на државните обврзници во обврзничкото портфолио да се намали од 70 на 50 отсто. Според фондот, тоа ниво би обезбедило доволна ликвидност во периоди на пазарни турбуленции, но истовремено би оставило повеќе простор за вложување во други средства.
Според предложеното ребалансирање, уделот на американските државни обврзници постепено би се намалил од 34,1 на 21,9 отсто, а уделот на обврзниците од еврозоната од 16,8 на 14,1 отсто. Истовремено, уделот на јапонските државни обврзници би се зголемил од 4,6 на 7,4 отсто.
Фондот планира да го зголеми и уделот на американски недржавен долг, вклучително и корпоративни обврзници, од 16,2 на 27,6 отсто. Во плановите се споменуваат и инвестиции во хартии од вредност обезбедени со хипотеки.
Промените доаѓаат во период кога американскиот пазар на државни обврзници е под притисок, а приносите на долгорочните обврзници достигнуваат највисоки нивоа во последната деценија поради загриженоста за фискалната состојба и растечкиот американски долг.
Норвешкиот фонд моментално поседува околу 1,65 билиони долари во акции и околу 592 милијарди долари во инструменти со фиксен принос. Тој поседува речиси 1,5 отсто од акциите на сите котирани компании во светот.
Фондот во последните квартали бележи рекордни добивки благодарение на инвестициите во американски и азиски технолошки компании и компании поврзани со развојот на вештачката интелигенција. Сепак, стрес-тест на фондот покажал дека посериозна корекција кај компаниите поврзани со вештачката интелигенција би можела да ја намали неговата вредност за околу 740 милијарди долари, односно 35 отсто.