Тимскиот дух се гради пред трката, а се докажува на патеката. Со оваа порака, Комерцијална банка АД Скопје го претстави својот штафетен тим кој на 4 октомври ќе се соочи со предизвикот да истрча вкупно 42 километри.

Тимот го сочинуваат Искра, Горан, Јована и Мартин, кои велат дека за успешна штафета не се доволни само физичката подготовка и брзината, туку и добра стратегија, меѓусебна поддршка и силен тимски дух.

„Кога се трча штафета, најважно е секој успешно да го заврши својот дел. За нас, успехот не се мери само во секунди и километри, туку во тоа сите да стигнеме на целта здрави, насмеани и задоволни од заедничкиот резултат“, велат членовите на тимот.

Според нив, поддршката започнува многу пред стартната линија, преку заедничките подготовки, мотивацијата и размената на совети.

„На самата трка секој е сам на својата делница. Затоа, најголемата поддршка ја градиме деновите претходно. А на денот на трката доволни се насмевките и аплаузот во моментите на размена на штафетата“, посочуваат тие.

За тимот на Комерцијална банка, штафетата претставува многу повеќе од спортски предизвик – таа значи заедничко планирање, споделување искуства и подготовка за секој следен предизвик.

Од Банката истакнуваат дека нивните колеги уште еднаш покажуваат дека зад секој успех стојат посветеност, добра подготовка и тим кој секогаш е тука еден за друг.