На реализацијата на проектот за изградба на ветерниот парк на компанијата „Алказар“ во Штип, заменик-претседателот на Владата Александар Николоски истакна дека инвестициите во обновливи извори на енергија, заедно со развојот на одржливиот транспорт, се меѓу клучните чекори кон модерна и енергетски стабилна Македонија.
Николоски оцени дека инвестицијата е потврда на владината визија за енергетска стабилност, но и показател дека Владата работи партнерски со инвеститорите за реализација на големи проекти.
„Вчера прославивме 35 години независност на Македонија. Утрото го отворивме реконструираниот Охридски аеродром, вечерта сите се забавувавме со убавата електронска музика на Дејвид Гета, а денеска почнуваме со изградба на ветерен парк. Мислам дека нема подобар доказ дека државата има модерна иднина, иднина која е во чекор со 21 век“, рече Николоски.
Тој додаде дека комбинацијата на одржлив транспорт и зелена транзиција ја позиционира Македонија како лидер во регионот.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме проектот. Во изминатиот период вложивме многу под водство на премиерот Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, градоначалниците на Штип, Карбинци и Радовиш, како и тимовите на Министерството за транспорт, Катастарот, Министерството за земјоделство и Министерството за животна средина“, посочи Николоски.
Вицепремиерот нагласи дека почетокот на проектот е резултат на координираната работа на повеќе институции, изразувајќи уверување дека ветерниот парк ќе биде пуштен во употреба во следните три години.
„Самото тоа што денес сме тука, а за три години ќе го пуштиме овој ветерен парк, е најдобар доказ за вашата работа“, истакна Николоски.