Предложените измени на Законот за домување, кои се доставени до Собранието и за кои се предлага да се донесат по скратена постапка, носат нови роковите и нов пристап за решавање на деценискиот станбен статус на стотици семејства кои ги користат становите во државна и поранешна општествена сопственост.
Со новиот законски текст се предвидува можноста за поднесување барања за откуп, пренос на правото на користење или закуп на овие станови да се продолжи сè до 31 декември 2027 година.
– Носителот на правото на користење на станот, кои не поднеле барање за откуп, односно барање за пренос на правото на користење на стан до органот надлежен за вршење на работите од станбено-комуналната област до 31 декември 2024 година, се должни да поднесат барање за откуп на станот, односно барање за пренос на правото на користење на стан до органот надлежен за вршење на работите од станбено-комуналната област до 31 декември 2027 година – се посочува во законот.
Оваа мерка директно ги засега граѓаните кои со години и децении живеат во објекти доделени по разни основи, како што се експропријација на имот, уривање на станбени згради или поради тоа што нивните претходни домови биле руинирани и склони кон паѓање. Многу од овие корисници, или членовите на нивните семејни домаќинства кои продолжиле да ги користат становите по нивната смрт, од различни причини не ги искористиле претходните законски рокови кои истекуваа до крајот на 2024 година, а дел од нив претходно немале ниту правна можност да поднесат вакви барања.
Клучната новина со која се уредува овој процес е категоризацијата на корисниците на становите врз основа на нивните материјални можности, односно според остварените приходи во нивното заедничко домаќинство.
Со измените, граѓаните кои ги користат овие станови ќе се подредат во четири основни групи, односно како лица во социјален ризик, лица со ниски приходи, лица со просечни приходи и лица со високи приходи. Оваа подделба директно го диктира и начинот на кој тие ќе го решаваат своето станбено прашање. Граѓаните кои спаѓаат во категоријата на лица во социјален ризик ќе го остваруваат правото на закуп на станот под поволни услови, додека за останатите три категории — лицата со ниски, просечни и високи приходи — е предвидена можноста за директен откуп на станбениот простор.
– Со членот 5 од Предлогот се предвидува, корисниците на станови во општествена сопственост од категоријата „лица во социјален ризик“ да го остварат правото на закуп на стан. Со членот 6 од Предлогот се предвидува, корисниците на станови во општествена сопственост од категоријата лица со ниски приходи, лица со просечни приходи и лица со високи приходи да го остварат правото на откуп на стан. Со членот 7 од Предлогот се предвидува дека лицата кои имаат склучено договори за закуп на стан согласно со членот 5 став (9) од предлог законот со правното лице, имаат право да поднесат барање за откуп на стан согласно со членот 6 од овој предлог – стои во образложението на законот.
За оние кои првично ќе склучат договори за закуп со надлежното правно лице, предвидена е правна патека подоцна да поднесат барање и за целосен откуп на станот, со што трајно се заокружува процесот на приватизација на овој станбен фонд.
Предлог-законот опфаќа и специфични случаи на граѓани кои поседуваат акти или договори за времено користење издадени пред 16 мај 1998 година, овозможувајќи им еднаков пристап до правото на сопственост или закуп. Покрај правните и социјалните механизми за системско решавање на станбениот статус, законските измени опфаќаат и технички корекции на одредени членови од постојниот закон. Со оглед на тоа што предлог-законот не претставува обимен и сложен текст, а целта е брзо надминување на административните пречки за граѓаните, предлагачот предвиде Собранието да го донесе по скратена постапка, по што законските решенија ќе стапат на сила и ќе овозможат отворање на новиот рок за поднесување барања.