Управата за јавни приходи е во напредна фаза со воведувањето на системот за е-фактура, а задолжителната примена по фази се очекува да започне во текот на 2027 година, најави директорката на УЈП, Елена Петрова.

Според Петрова, до крајот на 2026 година треба да биде донесен законот, да заврши поставувањето на софтверот и хардверската инфраструктура, како и да започне доброволното користење на е-фактурата.

Таа ова го посочи на панел-дискусијата во рамките на „Охрид 2026“, насловена „Даночни приходи, даночен јаз и борба против неформалната економија: посилни јавни финансии и подобра усогласеност со ЕУ“.

Петрова оцени дека една од најзначајните промени ќе биде начинот на кој даночната администрација ќе ги добива и обработува податоците. Наместо агрегирани информации од даночните пријави, УЈП преку е-фактурата ќе располага со структурирани податоци за секоја трансакција и фактура, вклучително и информации за продавачот, купувачот, артиклите и други даночни показатели важни за оданочувањето.

Значително ќе се промени и брзината со која УЈП ќе има пристап до информациите. Додека сега податоците преку даночните пријави се добиваат по завршувањето на даночниот период, со е-фактурата тие ќе бидат достапни во реално време, веднаш по издавањето на фактурата.

Според Петрова, тоа ќе овозможи поинаков пристап во даночната контрола. Дел од контролите ќе можат да се автоматизираат и да се вградат директно во процесите, со што ќе се намали можноста за намерни или ненамерни грешки, како и за доставување неточни податоци.

Со поврзување на информациите од е-фактурите со податоците што УЈП веќе ги добива од банките, Царината, фискалните уреди и други извори, ќе се овозможи подобра анализа на ризиците, откривање невообичаени шеми и поврзаности меѓу компаниите и препознавање сомнителни трансакции.

Петрова нагласи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира обидите за даночно затајување, но значително ќе го намали просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни нивното откривање.

Крајната цел е УЈП постепено да се трансформира во даночна администрација чие работење и носење одлуки ќе се темелат на податоци и анализа на ризици.