Меѓународната финансиска корпорација (IFC), членка на Групацијата на Светска банка насочена кон приватниот сектор, започна нова иницијатива за споделување на ризикот, со која треба да им се помогне на банките, fintech-компаниите и другите финансиски институции на пазарите во развој да го прошират пристапот до дигитални плаќања за потрошувачите и малите бизниси.
Иницијативата првично предвидува до 700 милиони долари гаранции за покривање на дел од кредитниот ризик при порамнување на плаќањата. На тој начин, според IFC, повеќе финансиски институции ќе можат да понудат сигурни и иновативни услуги за дигитално плаќање.
Во дел од пазарите во развој, финансиските институции се соочуваат со финансиски барања што го ограничуваат нивното учество во глобалните платежни екосистеми. Како последица, милиони граѓани и локални трговци и натаму се потпираат на готовина и немаат целосен пристап до придобивките од дигиталните плаќања.
Од IFC посочуваат дека новиот механизам треба да го олесни пристапот до дигитални платежни услуги, особено за сопствениците на мали бизниси, жените претприемачи и лицата кои досега биле надвор од формалниот финансиски систем.
„Проширувањето на дигиталните плаќања на пазарите во развој е една од најмоќните алатки за создавање работни места и вклучување на луѓето во формалната економија“, изјави извршниот директор на IFC, Махтар Диоп.
Според проценките на IFC, финансиските институции што ќе учествуваат во иницијативата би можеле да забележат зголемување на дигиталните плаќања за околу 280 милијарди долари.
Се очекува тие да издадат дополнителни 360 милиони картички, додека бројот на активни корисници на дигитални платежни услуги би можел да се зголеми за 90 милиони, од кои 39 милиони жени.
Од IFC очекуваат иницијативата да ја зголеми конкуренцијата и да придонесе за подобар квалитет и поголема достапност на платежните услуги на пазарите во развој.