НЛБ Група склучи договор со Група Прва и со неа поврзани страни за купување 25,66 отсто од акциите на Дежелна банка Словенија (ДБС), а завршувањето на трансакцијата се очекува во втората половина на 2027 година.

Од НЛБ соопштија дека истовремено ја разгледуваат и можноста за купување дополнителни акции во ДБС. Вредноста на трансакцијата засега не е објавена.

Зделката треба да биде реализирана по добивањето на сите потребни регулаторни одобренија, при што од НЛБ наведуваат дека не очекуваат пречки во процесот.

Со планираниот влез во сопственичката структура на ДБС, НЛБ сака дополнително да го зајакне своето присуство во словенечкиот земјоделски сектор, на кој Дежелна банка Словенија традиционално му посветува значаен дел од своето работење.

Претседателот на Управата на НЛБ, Блаж Бродњак, истакна дека во услови на зголемени глобални неизвесности, способноста на една земја да обезбеди сопствен синџир за снабдување со храна има стратешко значење.

„Словенечките земјоделци, производители, прехранбени компании и земјоделството во целина имаат клучна улога во самодоволноста, но и во словенечката економија, националната отпорност, зачувувањето на традицијата и идентитетот“, изјави Бродњак.

Од Група Прва посочуваат дека нивното учество во ДБС главно е поврзано со управувањето со пензиските фондови и инвестициите што тие ги имаат во банкарски акции.

Извршниот директор на Прва Група, Јанез Крањц, изјави дека одлуките за сопственоста на акциите во ДБС се носат пред сè во интерес на членовите на пензиските фондови.

Според податоците на порталот „Ебонитете“, најголем поединечен акционер во ДБС е KD Group со 29,38 отсто, додека Kapitalska zadruga поседува 21 отсто. Skupina Prva има удел од 9,93 отсто, додека меѓу поголемите акционери се и ČZD Kmečki glas со 4,7 отсто и Zadružna zveza Slovenije со 4,04 отсто.

Од НЛБ нагласуваат дека, и покрај силното присуство во Југоисточна Европа, словенечкиот пазар останува во центарот на нивната долгорочна стратегија, со цел дополнително зајакнување на улогата на групацијата во домашната економија и општеството.