Есејот на Дарио Амодеи предизвика распродажба на берзите, додека Вашингтон влегува во отворен судир со барањата за регулација на ВИ.
Глобалните финансиски пазари забележаа остар пад откако извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, објави детален есеј со предупредување за катастрофални ризици од развојот на вештачката интелигенција. Бранот на паника ги урна технолошките индекси на Волстрит и ги повлече надолу производителите на чипови, додека приносите на американските десетгодишни обврзници достигнаа 5 проценти. Доналд Трамп експресно реагираше на својата мрежа Truth Social, порачувајќи дека секоја нова регулација ќе биде блокирана.
Есејот на Амодеи, објавен во пресрет на најавеното излегување на Anthropic на Nasdaq берзата оваа есен, удри директно по технолошкиот оптимизам на инвеститорите. Пазарот на акции веднаш регистрираше распродажба кај водечките производители на полупроводници и компании поврзани со AI инфраструктура.
Истовремено, приносите на 10-годишните државни обврзници на САД удрија во психолошката граница од 5 проценти, сигнализирајќи ненадеен страв од макроекономска нестабилност.
Контрастот меѓу водечките играчи стана уште поостар со информацијата дека OpenAI ја одложи својата јавна понуда (IPO) за 2027 година, оставајќи го Anthropic сам под лупата на јавноста и регулаторите.
Реакцијата од политичкиот врв не чекаше. Американскиот претседател Доналд Трамп преку Truth Social остро го нападна секој обид за наметнување државна контрола врз секторот. Според Трамп, забавувањето на домашните компании преку регулаторни механизми директно ќе ја загрози американската доминација во однос на Кина.
Пораката од Truth Social создаде дополнителна конфузија меѓу инвеститорите. Додека челниците на AI индустријата бараат правна рамка за безбедност, власта најавува тотално ослободување од правилата.
Потегот на Амодеи отвора сериозни дебати во технолошката заедница. Аналитичарите забележуваат остра иронија во однесувањето на големите лаборатории: компаниите кои самите ја развија моќната технологија сега инсистираат на ризиците од нејзина катастрофална злоупотреба.
Се наметнува сомнеж дали алармантните писма се реален повик за заштита на општеството или стратегија со која се бараат државни субвенции и лиценцирање што ќе ја елиминира конкуренцијата пред најавените берзански дебија.