Се очекува македонската економија годинава да оствари реален раст на БДП од меѓу 3,5 и 4 проценти, со позитивни сигнали и во почетокот на третиот квартал. Индустриското производство, туризмот и градежништвото бележат охрабрувачки показатели, што отвора простор за продолжување на растот и во втората половина од годината. Ова го оцени премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување, посочувајќи дека очекува силен трет квартал и економски раст во рамките на проектираниот опсег.
– Првите параметри што излегуваат за првиот месец од третиот квартал, како што се индустриското производство, туризмот и градежништвото, се охрабрувачки дека може да имаме силен трет квартал. Треба да видиме како ќе биде во следните месеци, но очекувам да ја завршиме 2026 година со реален раст меѓу 3,5 и 4 проценти – рече Мицкоски.
Според него, со тоа земјата ќе продолжи да бележи реален економски раст, додека номиналниот раст би бил над 8 проценти.
Мицкоски посочи и дека номиналниот БДП на земјата веќе достигнува околу 22 милијарди долари, односно околу 12 илјади долари по глава на жител.
Како позитивен сигнал за економијата го наведе и потврдениот кредитен рејтинг од агенцијата „Фич“.
– Нешто што, за нас, претставуваше цел на крајот од мандатот, еве го постигнуваме на нешто повеќе од половина од мандатот – рече тој.
Во делот на критиките кон опозицијата, премиерот оцени дека и покрај проблемите со кои се соочува економијата, Владата успева да ги реши и да обезбеди напредок.
– Дали е совршено? Не е совршено. Дали има проблеми? Има проблеми, но ние ги решаваме, особено по катастрофата што ја наследивме – истакна Мицкоски.
Тој оцени дека денес се живее подобро отколку пред три години и најави дека Владата ќе продолжи да работи на подобрување на животниот стандард во наредниот период.