Европската централна банка (ЕЦБ) подготвува нова генерација евробанкноти, кои треба постепено да бидат пуштени во оптек во текот на следната деценија. Во процесот на избор на нивниот изглед се вклучени и европските граѓани, а досега повеќе од девет милиони луѓе учествувале во јавната анкета на ЕЦБ.
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, во говор во Брисел истакна дека готовината останува важен дел од монетарната иднина на Европа и покрај сè поголемата употреба на дигиталните плаќања.
Во моментов во оптек има повеќе од 31 милијарда евробанкноти во вредност од над 1,6 билиони евра, а нивниот број годишно расте за околу три проценти. Во циркулација има и повеќе од 150 милијарди монети.
Според ЕЦБ, готовината има особено значење затоа што овозможува приватност и слобода на избор, но и функционира во ситуации кога електронските плаќања се недостапни поради прекини на електричната енергија и интернетот, кибернапади или други нарушувања.
Истовремено, ЕЦБ работи на модернизација на евробанкнотите. Новите банкноти треба да добијат современи безбедносни карактеристики, да се произведуваат од поодржливи материјали и да имаат дизајн со кој европските граѓани полесно ќе се идентификуваат.
За идниот изглед се разгледуваат две главни теми – „Европска култура“, која треба да го претстави богатството на заедничката европска историја и идентитет, и „Реки и птици“, посветена на природата што ги поврзува европските земји.
Управниот совет на ЕЦБ на 23 јули избрал десет предлози за дизајнот на идните банкноти. Граѓаните можат да ги оценуваат предлозите преку онлајн анкета отворена до 21 септември, а конечната одлука за изгледот се очекува околу крајот на годинава.
Од ЕЦБ нагласуваат дека развојот на дигиталното евро нема да значи исчезнување на готовината. Планот е физичкото евро и дигиталното евро да коегзистираат и да се надополнуваат, овозможувајќи им на граѓаните избор како ќе плаќаат.