Цените на акциите на Волстрит паднаа и во вторникот, втор ден по ред, во услови на загриженост кај инвеститорите поради растот на цените на нафтата и приносите на обврзниците, додека пазарите ја очекуваат одлуката на американската централна банка за каматните стапки.

Индексот Dow Jones се намали за 0,63 проценти, на 52.093 поени, S&P 500 падна за 0,45 проценти, на 7.585 поени, додека Nasdaq загуби 0,78 проценти и се спушти на 25.981 поен.

Инвеститорите особено ги загрижува натамошниот раст на цените на нафтата, во услови кога кризата на Блискиот Исток не покажува знаци на смирување. Во изминатите две недели цените на нафтата пораснаа за околу 25 проценти, што дополнително ги зголемува инфлациските притисоци.

Истовремено, приносите на 10-годишните американски државни обврзници се искачија над пет проценти и достигнаа највисоко ниво од 2007 година.

Во вторникот започна дводневната седница на Федералните резерви, а одлуката и пораките од американската централна банка се очекуваат во среда.

До неодамна инвеститорите очекуваа ФЕД да ги остави каматните стапки непроменети, но очекувањата се променија по последните податоци кои покажаа раст на инфлацијата во САД, пред сè поради поскапувањето на нафтата.

На азиските берзи, пак, во средата беше забележано благо закрепнување по неколкудневниот пад. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше во плус од 0,3 проценти, по четири последователни дена на пад.

Акциите во Индија, Јапонија, Шангај, Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,1 и 0,9 проценти, но тргувањето и натаму останува претпазливо во пресрет на одлуката на ФЕД.