Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави дека сака околу 50 илјади вработени од јавниот сектор постепено да преминат во стопанството, појаснувајќи дека тоа не значи масовни отпуштања, туку намалување на бројот вработени во администрацијата преку природен одлив и преминување на дел од нив во стопанството.
Јанша ја претстави својата замисла на 58. саем МОС во Цеље. Според него, Словенија во времето на осамостојувањето имала околу 126 илјади вработени во јавниот сектор, додека денес нивниот број изнесува приближно 196 илјади.
Јанша рече дека дел од зголемувањето на бројот на вработените било оправдано поради развојот на здравството, социјалната заштита и другите јавни служби, но сепак смета дека слично зголемување на бројот на вработените во државната и јавната администрација не било потребно.
Затоа најави „меко“ и постепено пренасочување на вработените, без масовни отпуштања. Дел од намалувањето на бројот на вработените би се постигнал преку природен одлив, односно со заминување во пензија и непополнување на сите испразнети работни места.
Јанша не прецизираше ниту во кои делови од јавниот сектор смета дека има најголем вишок вработени, ниту во кој рок би требало да се спроведе најавената промена.
Како аргумент за пренасочувањето на вработените, Јанша го наведе недостигот од работна сила во словенечкото стопанство. Тој рече дека Словенија издала околу 148 илјади работни дозволи за странски работници, но не прецизираше на кој период се однесува таа бројка. Бројот издадени дозволи, исто така, не е ист со бројот на странски работници кои моментално се вработени во земјата.
Според него, намалувањето на бројот на вработените во јавниот сектор би требало да се овозможи со забрзување на дигитализацијата, оптимизација на процесите и поширока употреба на вештачката интелигенција.
Јанша најави и промени во образовниот систем, со цел поголем број ученици и студенти да се насочуваат кон дефицитарни занимања во стопанството. Словенечките медиуми наведуваат дека повеќето образовни програми треба да бидат обновени до средината на 2027 година, додека првите резултати би можеле да се видат за три до четири години.
Словенечкиот министер за економија, Анже Логар, беше повнимателен од премиерот. Тој не потврди дека во јавниот сектор постои вишок од 50 илјади вработени, туку рече дека најнапред треба да се создаде поволно деловно опкружување во кое стопанството ќе отвора квалитетни работни места.
Тој додаде дека евентуалниот вишок вработени во јавниот сектор би се решавал во согласност со законите. Предлозите до крајот на 2026 година треба да ги подготви Стратешкиот совет со кој претседава Марко Лотрич.