Речиси 10 милиони луѓе од Европа и пошироко ги споделиле своите ставови за идниот изглед на евро банкнотите преку јавната анкета на Европската централна банка (ЕЦБ).
Вкупно 9,96 милиони лица учествувале во анкетата, што според претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, покажува голем интерес на Европејците за идниот изглед на банкнотите.
„Овој неверојатен број покажува колкав интерес имаат Европејците за нивните идни банкноти. Со нивното учество во процесот на редизајнирање е направен важен чекор во подготовката на следната серија банкноти“, изјави Лагард.
Во анкетата учествувале околу 2,6 отсто од населението во еврозоната, а интересот бил висок кај сите возрасни групи. Две третини од одговорите биле од лица помлади од 35 години.
ЕЦБ најави дека резултатите ќе бидат анализирани со стандардни статистички методи со цел тие што пореално да ја претстават структурата на населението во еврозоната.
Граѓаните избирале меѓу десет предлози
Анкетата се спроведувала од 23 јули до 21 септември 2026 година и опфаќала десет предлози за дизајн, базирани на две теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“.
Паралелно била спроведена и посебна анкета од независна истражувачка компанија, со репрезентативен примерок од населението во еврозоната и со исти прашања. Обработката на тие резултати сè уште е во тек.
Резултатите од двете анкети, заедно со препораките на независното жири за избор на дизајн и техничката проценка, ќе бидат основа за одлуката на Управниот совет на ЕЦБ за конечниот концепт на идните евро банкноти.
Одлуката се очекува кон крајот на 2026 година.
ЕЦБ засега нема да ги објави резултатите за секој поединечен предлог за дизајн. По изборот на конечниот концепт ќе биде објавен детален извештај со мислењата за секој од предлозите, како и резултатите по земји.
Новите евро банкноти се очекуваат во раните 2030-ти
Откако Управниот совет ќе го избере концептот, избраниот дизајн дополнително ќе се приспособува и развива за да може да биде преточен во конечниот изглед на банкнотите.
Новата серија ќе содржи подобрени безбедносни карактеристики, како и унапредувања во поглед на пристапноста и одржливоста.
Според плановите на ЕЦБ, новите банкноти треба постепено да бидат пуштени во оптек од почетокот на 2030-тите години.
Сегашните евро банкноти ќе продолжат да важат и ќе останат во оптек паралелно со новата серија.