„По одлуката на Владата, Министерството за финансии започна постапка за ново задолжување од 1,3 милијарди евра на меѓународниот пазар. Мицкоски и Димитриеска-Кочоска дојдоа на власт со ветувања за намалување на јавниот долг, фискална стабилизација и економски развој преку инвестиции, производство и нови работни места. Наместо тоа, јавниот долг од нивното доаѓање на власт е зголемен за 21%, односно порасна од 8,87 на 10,72 милијарди евра“, велат од партијата Левица.

„Само за камати, наредната година државата ќе треба да издвои над 400 милиони евра. Тоа се средства што нема да бидат достапни за јавни услуги, развојни политики и инвестиции, туку за сервисирање на акумулираниот долг. Дополнително, заклучно со јуни 2026 година, државата и јавниот сектор имаат 692 милиони евра достасани, а неплатени обврски. Станува збор за веќе доспеани обврски кон граѓани, компании и други субјекти, кои допрва треба да бидат подмирени, а не се опфатени во официјалниот износ на јавниот долг.

Товарот од ваквата политика не исчезнува со ново задолжување, туку се префрла во иднината. Колку повеќе средства се издвојуваат за камати и отплата на стари долгови, толку помалку простор останува за здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура и производни инвестиции. ММФ, Светската банка и Фискалниот совет со години укажуваат на фискалните ризици поврзани со обврските на јавниот сектор и потребата тие да бидат земени предвид при оценувањето на реалната задолженост.

Во меѓувреме, Владата продолжува да ја продава приказната за Македонија како „економски хаб“, додека нема јасна стратегија за зголемување на домашното производство, создавање поголема додадена вредност и намалување на зависноста од увоз, странски капитал и нови задолжувања. Наместо структурни економски реформи, граѓаните добиваат нови долгови и сè поголем трошок за нивно сервисирање.

Јавниот долг достигна 10,72 милијарди евра, а македонските граѓани истовремено се соочуваат со високи трошоци за живот, инфлација и пад на куповната моќ. Социјализацијата на трошокот од задолжувањето значи дека идните генерации ќе треба да плаќаат за одлуките на денешната несмасна политичка елита.

Левица бара ревизија на јавниот долг и целосна транспарентност за неговото трошење, како и утврдување одговорност за ненаменско и непродуктивно трошење на јавните средства. Потребни се сериозни мерки против сивата економија, преиспитување на непродуктивните буџетски расходи, прогресивен даночен систем и пренасочување на јавните средства кон производство и развој.

Владата мора да го почитува и законски утврдениот лимит од 60% јавен долг во однос на БДП и да престане да ја води економската политика преку постојано префрлање на финансискиот товар врз идните генерации“, се наведува во соопштението од партијата Левица.