Земјоделци и сточари од Пелагонија, Преспа и Кавадарци го блокираа патот Битола–Прилеп кај Тополчани, барајќи исплата на заостанатите субвенции и подобри услови за производство.

Сточарите велат дека дополнителен проблем е падот на откупната цена на млекото, која за краток период се намалила за околу 30 отсто. Тие бараат исплата на премиите и повисока поддршка по грло, како и учество во подготовката на програмата за земјоделски мерки за 2027 година.

На протестот се приклучија и производители на јаболка, жито, мед и пиперки. Овоштарите од Преспа посочуваат дека актуелните откупни цени не ги покриваат производствените трошоци, додека производителите на „куртовска капија“ реагираат на ниските откупни цени и класификацијата на родот.

Од Министерството за земјоделство велат дека проблемите им се познати и дека исплатата на субвенциите е во тек. Според Министерството, со последниот ребаланс се обезбедени дополнителни 1,4 милијарди денари, со што вкупната рамка за субвенции достигнува 8,7 милијарди денари.