Во Северна Македонија треба да започне постапка за воведување паметни броила за електрична енергија, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Ацо Ристов.

Ристов во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ посочи дека РКЕ подготвува извештај кој треба да биде доставен до Владата, по што би можело да се отвори постапката за набавка и постепено воведување на паметни броила во целата држава. Информацијата ја објави 4news.mk.

Новата технологија би им овозможила на потрошувачите многу попрецизен увид во сопствената потрошувачка, но и во цената на електричната енергија во различни периоди од денот.

Според Ристов, корисниците би можеле полесно да утврдат во кој период трошат најмногу електрична енергија и да го приспособат користењето на апаратите согласно цената.

Паметните броила се дел од процесот на дигитализација на електроенергетскиот систем и овозможуваат автоматско собирање податоци за потрошувачката, без потреба од традиционално отчитување на броилата.

Воведувањето на ваква технологија би можело да има значење и за начинот на кој домаќинствата го користат електричниот систем во услови на зголемено производство од обновливи извори. Достапноста на податоци во реално време може да помогне потрошувачката да се пренасочи кон периоди кога електричната енергија е поевтина или кога има поголемо производство.

На подолг рок, паметните броила би можеле да бидат поврзани со поширок енергетски систем во кој домаќинствата располагаат со фотоволтаични панели, батериски системи за складирање и електрични возила.

Таквиот систем би овозможил домаќинствата подобро да управуваат со сопственото производство и потрошувачка на електрична енергија.