Од 1 декември ќе се намалат максималните лимити за задолженост и роковите за отплата на дел од кредитите за граѓаните. За првото купување сопствено живеалиште лимитите и рокот на отплата остануваат непроменети.

Народната банка донесе измени на макропрудентните мерки за кредитирањето на физичките лица, со кои се намалуваат максималните лимити за задолженост и роковите за отплата на дел од кредитите.

Максималниот ДСТИ, односно односот меѓу вкупните месечни отплати на долговите и приходот на кредитокорисникот, се намалува за пет процентни поени. Кај кредитите во денари лимитот се намалува од 50 на 45 проценти, а кај кредитите со валутна компонента од 45 на 40 проценти.

За граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште лимитите остануваат 50 проценти за кредитите во денари и 45 проценти за кредитите со валутна компонента.

Се скратува и максималниот рок на отплата. Кај станбените кредити тој се намалува од 30 на 25 години, а кај хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години. За кредитите за прво купување сопствено живеалиште рокот останува 30 години.

Од Народната банка информираат дека мерките се носат во услови на здрав и стабилен банкарски систем и без присутни системски ризици. Воедно, квалитетот на кредитното портфолио на физичките лица продолжува да се подобрува.

Во првото полугодие од 2026 година, кредитите на физичките лица пораснале за 12,2 проценти на годишна основа, при што највисок раст од 16,6 проценти е забележан кај станбените кредити.

Целта на измените, според Народната банка, е превентивно ограничување на потенцијалните ризици од прекумерно задолжување на домаќинствата и поддршка на одржливото кредитирање и финансиската стабилност.

Новите мерки ќе започнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.