Пристапот до сопствен дом и изнајмено живеалиште станува сè потежок за голем број граѓани во Европската Унија, бидејќи цените на недвижностите и кириите продолжуваат да растат. Според податоците на Евростат, во вториот квартал од 2026 година цените на куќите во ЕУ биле за 4,7 отсто повисоки во споредба со истиот период минатата година, додека кириите пораснале за 3 отсто.
Во однос на првиот квартал од 2026 година, цените на недвижностите се зголемиле за 1,2 отсто, а кириите за 0,7 отсто. Во периодот од 2025 година до вториот квартал од 2026 година, недвижностите поскапеле за 4,1 отсто, додека кириите пораснале за 2,6 отсто.
Во 18 земји-членки за кои биле достапни податоци, цените на недвижностите растеле побрзо од кириите во споредба со годишниот просек за 2025 година. Најголем раст на цените е регистриран во Бугарија со 14,3 отсто, Португалија со 14,2 отсто и Литванија со 12,8 отсто. На спротивниот крај се Финска и Франција, каде што цените паднале за 1,5, односно 1,4 отсто.
Кириите, пак, пораснале во сите земји-членки. Најголем раст е забележан во Романија, каде што достигнал 41,2 отсто, потоа во Хрватска со 22,1 отсто и Словенија со 10,2 отсто. Најмало зголемување има во Естонија и Финска, со по 0,1 отсто, и во Луксембург со 1,2 отсто.
Во Италија, цените на недвижностите во вториот квартал од 2026 година биле за 4 отсто повисоки во споредба со истиот период во 2025 година.
Податоците на Евростат покажуваат дека цените на куќите и кириите во ЕУ имале слично движење од 2010 до вториот квартал од 2011 година, по што нивните трендови почнале да се раздвојуваат. Кириите продолжиле постепено да растат, додека цените на куќите минувале низ различни фази. Позначителен раст е забележан од првиот квартал од 2015 до третиот квартал од 2022 година, по што следеле благ пад и период на стабилизација. Од 2024 година повторно е регистриран раст.
Станбената криза особено дојде до израз во Шпанија по случајот со 87-годишната Марикармен Абаскал, жена со попреченост која била принудно иселена од домот во Мадрид во кој живеела 71 година. Нејзиното иселување предизвика протести поради состојбата со домувањето, а по еднонеделни преговори сопственикот на станот се согласил таа да се врати со нов осумгодишен договор со ограничена висина на киријата. Претходно киријата ѝ била зголемена за 230 отсто.
Случајот повторно го отвори прашањето за достапноста на становите во Шпанија, каде што, и покрај уставно загарантираното право на достоинствено и соодветно домување, уделот на социјалните станови во вкупниот станбен фонд се проценува меѓу 1,5 и 3,3 отсто, зависно од регионот.
Проблемот, сепак, не е ограничен само на Шпанија. Повисоките кирии, недостигот од социјални станови, несигурноста на закупците и притисокот од туризмот и инвестициите создаваат дополнителни тешкотии во повеќе европски земји, меѓу кои Холандија, Германија, Франција и Ирска.
Во Ирска, растот на кириите и долготрајната несигурност во домувањето се поврзуваат со иселувања и бездомништво. Земјата веќе подолг период води дебата за можноста домувањето да биде експлицитно признаено како уставно право.
На европско ниво, зголеменото политичко внимание кон кризата резултираше со Европски план за прифатливо домување и предлози за политики насочени кон зголемување на достапниот станбен фонд. Меѓу предложените пристапи се реновирање, пренамена и ставање во функција на празни и недоволно искористени објекти.
Сепак, според анализата, доколку Европа сака значително да го зголеми бројот на достапни станови, овие мерки би требало да имаат позначајно место во идната политика за домување.