Со ребалансот ќе се скратат до 130 милиони евра, со нов кредит треба да се обезбедат 250 милиони евра, а во игра е и еврообврзница од 1,3 милијарди евра наредната година

До 5 октомври собраните приходи во државната каса изнесувале 4,3 милијарди евра, или 70,19 проценти од вкупниот предвиден износ од 6,17 милијарди евра со направениот ребаланс на буџетот летово. Динамиката на трошење на расходната страна е поголема. Потрошени се 5,1 милијарда евра, или 74,2 проценти од предвидените 6,92 милијарди евра, откриваат податоците на Министерството за финансии.

Во вакви услови се најавува нов ребаланс на буџетот, но и нови кредити.

Премиерот Христијан Мицкоски обелодени дека ребалансот ќе значи кратење и на расходната и на приходната страна, за која прецизираше дека кратењето ќе биде 118-130 милиони евра, како резултат на намалениот данок и акциза за горивата. Тој очекува дека до крајот на месецот ќе го имаме ребалансот.

Според претседателот на СДСМ Венко Филипче, не може да недостигаат толку пари од намалените акцизи и ДДВ.

– Вкупниот прилив по основ на ДДВ и акцизи на горива лани беше 417 до 500 милиони евра, што значи дека три месеци воопшто не треба да се наплаќаат за да стигнеме до 130 милиони евра – рече Филипче.

Од СДСМ вчера излегоа со соопштение и дека до крајот на годината, Владата планира ново задолжување до 250 милиони евра на меѓународниот финансиски пазар и дека одлуката е донесена на 29 септември. Од партијата тврдат дека во 2026 година веќе нема доспеани долгови за враќање, поради што „новото задолжување не е поврзано со отплата на стари долгови, туку со обезбедување средства за други буџетски потреби“.

– Со ова јавниот долг ќе порасне на 11 милијарди евра, а со скриените долгови кон Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и другите јавни претпријатија тој надминува 63 отсто од бруто-домашниот производ – тврди опозицијата.

Од опозициската партија обвинуваат дека состојбата со државната каса е катастрофална бидејќи „дупката“ во буџетот е 900 милиони евра, а онаа во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) изнесува една милијарда евра.

Оттаму го обвинуваат премиерот дека неговите политики не носат економски резултати, поради што, како што велат, ги турка граѓаните кон должничко ропство.

– За две години од доаѓањето на оваа влада, државниот долг е зголемен за четири милијарди евра, што е половина од вкупниот долг на земјата од независноста до денес – велат од СДСМ.

Порталот „Фактор“, пак, излезе со детали за новото задолжување од 200 милиони евра. Според одлуката, средствата од задолжувањето ќе бидат наменети за буџетска поддршка во 2026 и 2027 година, но и за рефинансирање достасани обврски по основ на отплата на државниот долг. Должничките хартии ќе имаат рок на доспевање до пет години, а главницата ќе се враќа еднократно, на денот на доспевање. Емисијата ќе биде реализирана во една транша, додека каматата ќе биде фиксна и ќе се исплаќа еднаш годишно. Во самата одлука не е наведена конкретната каматна стапка – пишува Фактор.

„Слободен печат“ неодамна постави прашање до Владата зошто редовно не ги објавува одлуките од одржаните седници, но одговор на прашањето не добивме.

Претходно опозицијата откри дека според нивни сознанија, Владата на седница усвоила потреба од задолжување од 1,3 милијарди евра. По два дена, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека „ова сè уште не е разгледувано“, но дека „излезе како податок за новата еврообврзница што би требала треба да се издаде во 2027 година“.

– Долгот што го остави опозиција за 2027 година е речиси 1,5 милијарда евра. Тоа се долгови што тие ги имаат направено и ние треба да ги вратиме. Ова е она што значи хартии од вредност, внатрешен и надворешен долг во форма на кредити, меѓутоа имаме и државни записи што се со рочност до 12 месеци и кои, исто така во 2027 година, се нешто околу 1,1 милијарда евра. Плус треба да се финансира планираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти – рече Димитриеска-Кочоска.

Состојбата на меѓународниот пазар на капитал покажува дека расте цената на новите задолжувања. Така, цената што ќе ја платиме за новите кредити ќе биде повисока од онаа по која се задолжувавме во последно време.