Проширување на финансиската поддршка за малите и средни претпријатија, зелената транзиција, дигитализацијата и женското претприемништво биле главните теми на средбата меѓу претставници на Развојната банка на Северна Македонија и Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Членовите на Управниот одбор на Развојната банка на Северна Македонија, д-р Ефимија Димовска и Бесим Небиу, оствариле средба со заменик-претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Грот, на која разговарале за продолжување и унапредување на меѓусебната соработка.
На средбата била потврдена долгогодишната успешна соработка меѓу двете финансиски институции, во чии рамки досега се реализирани бројни проекти насочени кон поддршка на малите и средни претпријатија и поттикнување на развојот на домашната економија.
Посебен акцент во разговорите бил ставен на можностите за воведување нови поволни кредитни линии, со кои би се обезбедила дополнителна финансиска поддршка за македонските компании. Како приоритетни области биле посочени финансирањето на зелената транзиција, дигиталната трансформација и поттикнувањето на женското претприемништво.
Дополнително, се разговарало и за можноста Европската инвестициска банка да обезбеди техничка помош, со цел полесно идентификување, подготовка, развој и реализација на квалитетни проекти што би придонеле за економскиот раст.
Од Развојната банка истакнуваат дека Европската инвестициска банка останува еден од нејзините најзначајни стратешки партнери и дека соработката ќе продолжи во насока на создавање поповолни услови за финансирање на домашниот бизнис-сектор.
Во фокусот на заедничките активности и натаму ќе бидат малите и средни претпријатија, кои имаат клучна улога во обезбедувањето долгорочен и одржлив раст на македонската економија.