Охриѓанката Атина Рувинова постигна голем меѓународен успех, освојувајќи го првото место во категоријата Daytona Track на престижниот студентски хакатон HackHarvard 2026, кој се одржа од 16 до 18 октомври на Универзитетот Харвард во САД, а која, заедно со својот тим, за само 36 часа непрекината работа разви иновативно решение базирано на вештачка интелигенција, кое има потенцијал да прерасне во стартап-компанија, пренесе порталот „Охрид24“.

На натпреварот оваа годинава учествувале повеќе од 500 студенти од различни земји, кои имале задача за кратко време да осмислат, развијат и презентираат оригинални технолошки решенија.

Проектот со кој Атина и нејзиниот тим го освоиле првото место го носи името Leash. Станува збор за решение кое треба да го олесни организирањето групни патувања, резервации и активности, особено кога станува збор за поделба на трошоците меѓу повеќе луѓе. Наместо едно лице да ја плаќа целата сума однапред, а потоа да ги собира парите од останатите, платформата е осмислена да овозможи координација, поделба на трошоците и потврда на учеството преку вообичаената мобилна комуникација, без потреба од преземање посебна апликација.

Зад едноставниот концепт стои систем што комбинира вештачка интелигенција, автоматизација и безбедносни механизми. За време на натпреварот, тимот развил функционален прототип и демонстрирал симулација на финансиските операции.

Покрај победата, проектот привлекол внимание и од претставници на технолошката индустрија. Особен интерес покажала претставничка на ASUS, која го повикала медиумскиот тим на компанијата да направи интервју и видеоснимање со Атина и нејзините соработници.

Инаку, „Охрид24“ пишува и дека ова не ѝ е прв значаен успех на младата охриѓанка.

Имено, во 2024 година, како претставничка на Македонија, таа освоила бронзен медал на Европската олимпијада по информатика за девојки (EGOI), одржана во Холандија.

Уште како средношколка, Атина развила и медицински уред за анализа на човечкиот здив, наменет за препознавање показатели поврзани со дијабетес и заболувања на црниот дроб, без потреба од земање крв. За овој изум освоила три златни медали на меѓународни натпревари.

Денес таа студира компјутерски науки на Универзитетот во Флорида во САД, каде што е вклучена и во научноистражувачка работа.

ФОТО: Охрид24