Фискалниот совет предупредува на промена во структурата на јавните финансии, при што задолжувањето сè повеќе се користи за тековни расходи, наместо за капитални инвестиции што треба да го поттикнат економскиот развој.
Капиталните расходи, заедно со ставката КАПЕФ, се намалуваат од 46,5 на 40,1 милијарда денари, додека буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари, или 4,1 отсто од БДП. Така, планираниот дефицит е за околу 100 милиони евра повисок од средствата предвидени за капитални расходи.
Советот, предводен од академикот Абдулменаф Беџети, оценува дека ваквата структура отстапува од принципот задолжувањето да се користи првенствено за инвестиции.
Истовремено, социјалните трансфери се зголемуваат за околу 3,7 милијарди денари, од кои 1,34 милијарди се за пензии, 1,44 милијарди за социјални надоместоци и 887 милиони денари за здравствена заштита.
Загрижува и реализацијата на дефицитот. До крајот на август биле потрошени 38,2 милијарди денари, односно 82,5 отсто од годишно планираниот износ. Во меѓувреме, бруто-задолжувањето е зголемено за околу 11,3 милијарди денари, на 152,5 милијарди денари.
Јавниот долг на крајот на јуни достигнал 58,8 отсто од БДП, приближувајќи се до законскиот лимит од 60 проценти, додека доспеаните, а неизмирени обврски на јавниот сектор надминуваат 700 милиони евра.
Од Министерството за финансии измените ги оправдуваат со променетите економски услови, намалените приходи од акцизи на горивата и побавната реализација на дел од капиталните проекти. Сепак, останува дилемата зошто дефицитот и задолжувањето се задржуваат на високо ниво во услови на намалени средства за инвестиции.