Министерството за финансии предлага измени во Законот за јавни набавки со кои при изборот на најповолна понуда, покрај цената, ќе се зема предвид и квалитетот на понудените услуги и производи.
Од Министерството велат дека целта е јавните институции да не се раководат исклучиво од најниската цена при изборот на изведувачи и добавувачи, туку да се овозможи поголема вредност за потрошените јавни средства.
Со новите решенија се предвидува во тендерските постапки поголемо значење да имаат критериуми како квалитет, технички карактеристики, рокови и други елементи кои влијаат врз крајниот резултат од набавката.
Од МФ оценуваат дека досегашниот пристап, каде што цената често била доминантен фактор, можел да доведе до избор на понуди кои не секогаш обезбедуваат најдобар квалитет.
Измените, според Министерството, треба да придонесат кон поефикасно трошење на буџетските средства, поголема транспарентност и подобрување на квалитетот на јавните услуги и инфраструктурните проекти.