Статистиката покажува едно, а реалноста на терен друго. За  Економистите владината кошничка не содејствува со реалните потребите на домаќинствата. Според дел од нив, ниту две минимални плати не се доволни за едно семејство да ги покрие основните трошоци за живот.

Дел од нив  решението го гледаат во зголемување на домашното производство, пред сè на храна и прехранбени производи, со цел да се намали зависноста од увозот и притисокот врз цените.

Незадоволството од висината на примањата го споделуваат и граѓаните. Тие оценуваат дека со минимална плата тешко може да се покријат месечните трошоци, а уште потешко да се издвојат средства за дополнителни потреби. Очекуваат во најкус можен рок да се обезбедат повисоки и подостоинствени примања што ќе овозможат полесно справување со секојдневните трошоци.

Владата и синдикатите повторно со спротивставени ставови за трошоците за живот и животниот стандард на граѓаните. Министерството за економија и труд за септември пресметало просечна потрошувачка кошничка од 58.117 денари, додека синдикатите за истиот месец пресметале 69.432 денари или разлика од 11.315 денари.

Инаку, според податоците на Евростат и Државниот завод за статистика, годишната инфлација во земјава во септември изнесувала 2,7 проценти, што е за 1,1 процентен поен под европскиот просек. Сепак, поумерениот раст на цените не значи и дека граѓаните полесно ги подмируваат своите потреби. Куповната моќ останува под притисок, особено кај домаќинствата со ниски примања, за кои и основните производи и услуги претставуваат значителен трошок.