По објавата на Народната банка на Србија (НБС) дека Извршниот одбор донел одлука за одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Белград и покренување стечајна постапка, пред експозитурите на оваа банка во Нови Сад уште од раните утрински часови се формирале редици од загрижени граѓани, пишува „Нова.рс“.

Повеќе десетици граѓани биле снимени утрово пред експозитура на Алта банка во Нови Сад. Клиентите чекале во ред по соопштението објавено во саботата наутро дека Алта банка останува без дозвола за работа.

Заедно со оваа информација се појавиле и неофицијални и непотврдени информации од поединечни вработени, кои стравуваат дека од понеделник ќе останат без работа.

Да потсетиме, според официјалното соопштение на Народната банка на Србија, одлуката за одземање на дозволата е донесена со цел заштита на имотот на депонентите, откако со контролата било утврдено критично влошување на ликвидноста на банката.

Работите на стечаен управник ги презема Агенцијата за осигурување на депозити (АОД), која според законот е должна да обезбеди исплата на осигурените депозити.

Од Народната банка на Србија апелираат граѓаните да ги следат официјалните соопштенија на регулаторот и на Агенцијата за осигурување на депозити, преку кои ќе бидат објавени точниот распоред и локациите на кои ќе започне исплатата на гарантираните средства.

Според податоците на Народната банка на Србија, Алта банка е во блокада од 30 октомври 2026 година.