Исплатата на платите во јавниот сектор може да се соочи со доцнење поради проблемите со Алта банка, дознава „Рацин.мк“ од добро упатени извори. Причината е потребата вработените што примале плата преку оваа банка да отворат нови трансакциски сметки и да ги достават податоците до институциите во кои работат, а до редовните исплати остануваат помалку од десет дена.
Според информациите на „Рацин.мк“, промената на трансакциските сметки може да предизвика дополнителни административни постапки во институциите, кои треба навреме да ги обработат новите податоци за исплата.
Проблемот не се однесува само на отворањето нови сметки, туку и на времето потребно за нивно внесување во системите преку кои се пресметуваат и исплаќаат платите.
Доколку постапката не заврши навреме, постои ризик дел од вработените да не ги добијат платите на вообичаениот датум.
Ова е нова последица од случувањата со Алта банка, откако Народната банка воведе привремена администрација во македонската банка по одземањето на дозволата на нејзиниот мнозински сопственик во Србија.
Засега нема официјален податок колку вработени во јавниот сектор примаат плата преку Алта банка, ниту колку институции ќе треба да ги менуваат податоците за исплата.
Не е познато ниту дали ќе биде воспоставена забрзана постапка за ажурирање на трансакциските сметки за да се избегне доцнење на платите.
Според добро упатените извори, токму краткиот рок до следната исплата е причината поради која ова прашање станува итно за институциите.