Народната банка воведе тримесечна привремена управа во „Алта банка“ АД Битола, поради околности кои можат сериозно да ја загрозат способноста на банката навремено да ги исполнува своите финансиски обврски, односно нејзината солвентност. Со одлука донесена на 1 ноември, за администратори се именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска.
Тројцата администратори ги преземаат надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките во периодот на привремената управа.
Администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат целокупната состојба во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.
Во текот на тримесечниот период тие ќе вршат контрола и врз исплатите за општите и административните трошоци, кои ќе можат да се реализираат единствено со нивно одобрување.
Целта на привремената управа е банката да продолжи со работа, а истовремено да се заштитат средствата и интересите на депонентите и другите доверители до решавањето на прашањето за сопственоста.
Ограничувања за подигање и трансфер на пари
Во периодот на привремената управа се воведени ограничувања за одливот на средства од банката.
За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за подигање готовина и плаќање со платежни картички издадени од банката на продажни места.
Домашните трансакции од сметките на физичките лица кон други сметки во рамките на истата банка ќе продолжат да се реализираат без ограничување на износот.
Правните лица ќе можат без ограничувања да вршат домашни плаќања кон физички и правни лица кои имаат сметки во „Алта банка“. Сепак, нема да можат да префрлаат средства надвор од банката преку домашните платни системи, ниту да подигаат готовина од банкоматите и шалтерите на банката.
Приливите од странство, преку системот СЕПА и кореспондентските банки, ќе се одвиваат непречено. Од друга страна, исплатите кон странство привремено нема да бидат достапни ниту за физичките, ниту за правните лица.
Од Народната банка информираат дека депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити до износ од 30.000 евра, согласно законските прописи.
Граѓаните кои имаат кредити во банката треба редовно и навремено да ги исполнуваат своите обврски.
Привремената управа ќе трае три месеци, а Народната банка најавува дека континуирано ќе ја следи состојбата и ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од понатамошниот развој на настаните.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вчера информираше дека е формиран тим од седум вработени кои ќе ја следат работата на „Алта банка“ во Битола.
Тој соопшти и дека сопственикот од Белград бил известен да ги понуди акциите на продажба, во спротивно Народната банка ќе ги понуди на аукција. Според Славески, веќе има заинтересирани купувачи.
Од Народната банка апелираат граѓаните и клиентите да се информираат преку официјалните извори и да не носат одлуки врз основа на непроверени информации. Оттаму посочуваат дека непотребното и масовно повлекување средства не е во интерес на депонентите.