ДУИ бара Владата и Министерството за финансии да објават колку државни пари се наоѓаат во Алта банка и кои институции и јавни претпријатија ги користеле нејзините банкарски услуги. Од партијата оценуваат дека случајот отвора сериозни прашања за управувањето со јавните средства, одговорноста на институциите и евентуалното политичко влијание врз финансиските одлуки.

Од ДУИ посочуваат дека воведувањето привремена администрација и ограничувањата за располагање со средствата во Алта банка наметнуваат потреба од темелна институционална проверка, особено поради неизвесноста со која се соочуваат дел од јавните институции и претпријатија.

Од партијата прашуваат колкав износ од јавните пари бил депониран во банката, кој одлучувал за изборот на финансиските услуги и дали претходно биле направени соодветни анализи за ризиците поврзани со сопственичката структура.

ДУИ бара да се утврди дали одлуките за користење на услугите на Алта банка биле донесени врз основа на независни финансиски процени и транспарентни процедури или, како што наведуваат, имало политички влијанија.

Особено внимание, според партијата, треба да се посвети на информациите за постапките против сопственикот на матичната банка во Србија и сомневањата за финансиски злоупотреби што се предмет на истрага таму.

Од ДУИ бараат Владата и Министерството за финансии да достават целосен список на државни институции, јавни претпријатија и други субјекти под државна контрола кои имале средства во банката, заедно со износите, датумите на отворање на сметките и правната основа за донесените одлуки.

Истовремено, бараат Народната банка да ги образложи надзорните постапки и проценките на ризикот, а Јавното обвинителство да провери дали при насочувањето на јавните средства имало незаконски влијанија, злоупотреба на службената положба или конфликт на интереси.

„Прашањето веќе не е само што ќе се случи со Алта банка. Прашањето е дали државата знае колку јавни пари се изложени на ризик, како тие завршиле таму и кој бил должен да ги заштити“, наведуваат од ДУИ.

Од партијата порачуваат дека граѓаните имаат право на целосни информации и дека евентуалната одговорност мора да се утврди врз основа на документи и факти.