Во голема неизвесност е и одвивањето на платниот промет на правни лица кои имаат сметки во Алта банка и во некоја друга банка.

Се урива довербата во банкарскиот систем, велат битолчани, застанати во редици пред банките во Битола и си ги бараат парите од сите банки, а не само од Алта банка Битола.

„Ако сите си ги повлечеме парите од банките, ќе настане крах на банкарскиот систем? Ама народот не е виновен. Виновни се тие што ја донесоа работата до овде, се нема доверба во банките“, коматираат граѓани.

„Чекам за да си ги земам парите од банката, во оваа држава не се знае која банка кога ќе ‘рикне’. Шеќерот ми се крена, нозете не ме држат, ама ќе издржам, повеќе не оставам пари в банка, ни денар“, вели повозрасен битолчанец.

„Не прашувајте, сите сме во иста каша, ако парите им ги оставиме на банките ќе ги лапне ‘ѓавалот’, ако ги ставиме под перница, ќе се накотат криминалци и арамии, на спиење ќе нѐ ограбуваат, никако обичниот човек не е заштитен во оваа држава, немоќни сме“, вели граѓанин.

Гужвите пред банките во Битола се големи, едни вадат нови сметки, други подигаат пари. Дождот врне, но сите чекаат во ред.

Неизвесноста и стравот растат во Битола по затворањето на вратите на Алта банка и воведувањето на привремена администрација.

Од рано утрово граѓани чекаат да извадат пари од двата банкомати пред главната зграда на Алта банка во центарот на Битола, а редици има и низ сите други банкомати низ градот. Ако граѓанин со сметка во Алта банка сака да изваде пари од друга банка, плаќа 250 денари провизија, односно треба да подигне само 9.750 денари, остатокот е провизија.

Во печалбарска Битола засегнати се и повратниците од странство кои своите заштеди ги ставија во Алта банка и на кои пензиите од Австралија, Америка и други европски земји им стигаат во банката.

„Јас имам поголема сума на заштеда во Алта банка во долари, таму ја земам и австралиската пензија во девизи. Сега како на банкомат ќе извадам 250 австралиски долари? Зошто гувернерот не кажа што ќе биде со нас?“, вели пензионер повратник од Австралија и додава: „Наша грешка е што не ги оставивме парите во банките во Австралија, овде дури има овци ќе стрижат“.

Денеска во Битола гужви има и во нотарските канцеларии, пензионерите им даваат полномошно овластување на своите деца да им извадат нови сметки во други банки и да располагаат со нивните заштеди.

„Болен го станав татко им од кревет за да потпише на нотар да му извадам сметка во друга банка, да ги извадам неговите депозити, досега ја вадев пензијата со картичка на банкомат. Ова не е нормално, чекаме со часови, губам денови од работа, губиме здравје“, вели битолчанец.

Во Битола има гужви и кај нотарите каде што децата вадат полномошно од своите родители за да им извадат сметки во други банки

Пред први ноември, Алта банка им ги исплати пензиите на над 11.000 пензионери, но сега според одлуката на Народна банка можат да повлечат само 10.000 денари неделно.

Добар дел од пензионерите немаат картички за парите од пензијата да ги подигнат на банкомат, тие бараат да им се овозможи пристап да си ги земат парите на шалтер во Алта банка.

Синоќа во интервју за „Топ тема“ на Телма, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, најави дека во иднина во Алта банка Битола ќе бидат отворени посебни шалтери каде што пензионерите кои немаат дебитна картичка ќе може да повлекуваат до 20.000 денари, на период од две недели за да не мора секоја недела да одат на шалтер во банка.

Но, терминот „во иднина“ ги револтира дополнително граѓаните, па на социјалните мрежи прашуваат: „Во блиска иднина или?“, „Кога е тоа во иднина, прецизирај“, „Што ќе биде со социјалната помош за најранливите категории кои немаа дебитни картички, што со парите на учениците?“, прашуваа граѓаните и студентите.

Според Славески, Народна банка го направила изборот по свои критериуми да се повлекуваат само 10.000 денари неделно од банкоматите од страна на граѓаните во Алта банка Битола според критериумите на месечната просечна плата и просечна пензија.

Славески им порача на граѓаните да бидат трпеливи и да им веруваат на институциите.

„Ова е само еден ограничен временски период во кој треба оваа состојба да се надмине. Граѓаните и натаму си ги имаат парите на своите сметки. Периодот одреден на три месеци е максимален“, додаде тој.

Генералниот секретар на опозицискиот СДСМ, Александар Димитриевиќ, синоќа беше во посета на Битола, каде што јавно повика Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) да ја прекине исплатата на пензиите на сметките во Алта банка Битола, сѐ додека пензионерите не добијат сигурен пристап до своите средства.

„Прв чекор кон решавање на овој скандал е Славески да даде оставка, да се отвори истрага. Бараме ПИОМ да не ги исплаќа пензиите на сметките на пензионерите на Алта банка Битола, за да се заштитат. Бараме целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорност“, порача Димитријевиќ од Битола.

Најголемата неизвесност и денес е одвивањето на платниот промет. Што со сметките на јавните претпријатија и на фирмите од Битола во Алта банка, како ќе се одвива плаќањето на едно правно лице кога никој веќе не може да пристапи до шалтерите на банката.

Синоќа гувернерот Славески не кажа што со платниот промет на Алта банка Битола, реагираат од фирмите во Битола.

„Од утрово сите вадиме нови сметки во други банки, телефонски ги информираме нашите доверители да ни ги исплатат побарувањата во други банки“, велат раководители на правни субјекти од Битола и објаснуваат:

„Сите правни лица, и јавен сектор и приватен, очекуваме приливи по основ на побарувања од други правни лица и затоа се обидуваме да ги пренасочиме тие средства кон сметките што ги имаме или сега што ги отвораме во други банки. Но, она што го кажуваат дека наводно е дозволен платен промет помеѓу правните лица во рамки на Алта банка Битола, за сите правни лица, не ни менува ништо. Ние со сметки во Алта банка не можеме да платиме кон наши доверители во друга банка. Како што ние бараме од други правни лица да ни платат на друга сметка во друга банка, така и нашите доверители бараат да им платиме на други сметки. Невозможно. Платниот промет не функционира, исто како да го нема“, велат раководители на фирми од Битола.

За битолчани под знак прашање е и како ќе функционира отплатата на кредитите подигнати за станбен и деловен простор, затоа што таму се почитуваше правилото сите сметки да бидат комплетно во Алта банка.