Купувањето сопствен дом станува сè потешко за граѓаните во Европската Унија, бидејќи цените на недвижностите во изминатата деценија во голем број земји растеле побрзо од приходите на домаќинствата. Ова го покажуваат најновите податоци на Евростат за периодот од 2015 до 2025 година.

Според Европската служба за статистика, во 17 земји-членки е зголемен јазот меѓу растот на цените на становите и приходите на домаќинствата. На ниво на целата ЕУ, овој показател бележи раст од 6,8 проценти.

Најизразена разлика е регистрирана во Португалија, каде што показателот пораснал за 60,8 проценти. Следуваат Холандија со 34,3 проценти, Унгарија со 26,5, Чешка со 25,8 и Шпанија со 24,5 проценти.

Спротивен тренд е забележан во десет земји-членки, каде што разликата меѓу цените на становите и приходите се намалила. Најголем пад има во Романија, од 42,8 проценти, и во Финска, од 25,2 проценти.