Шест македонски банки се најдоа на листата на 100-те најголеми банки во Југоисточна Европа, според најновото рангирање SEE TOP 100, изработено врз основа на вкупната актива на банките на крајот од 2025 година.
Најдобро рангирана е Комерцијална банка, која го задржа 41. место, со актива од 3,13 милијарди евра. Стопанска банка Скопје напредуваше за две позиции и се искачи на 47. место, додека НЛБ Банка забележа најголем скок меѓу македонските банки, од 51. на 48. место.
На листата се најдоа и Халк банка на 56. место, Шпаркасе банка на 62. и ПроКредит банка на 94. место.
Според податоците, сите шест македонски банки забележале годишен раст на активата, а највисок раст од 19,58 отсто остварила НЛБ Банка.
На врвот на регионалното рангирање останува романската Banca Transilvania, по која следуваат Banca Comerciala Romana и хрватската Zagrebačka banka.