Колапсот на Алта банка во Србија отвора сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби, фиктивно прикажување готовина и извлекување стотици милиони евра од банкарскиот трезор. Во центарот на истрагата е сопственикот Давор Мацура, кој е осомничен дека присвоил повеќе од 380 милиони евра.

Според истражувањето на белградскиот неделник „Радар“, Обвинителството за организиран криминал проверува дали во трезорот на банката биле внесувани и фалсификувани банкноти од 500 евра, со цел да се прикаже поголема готовинска состојба од реалната. Овие наводи засега не се потврдени, а обвинителството соопшти дека проверките се во тек.

Особено сомнителни се финансиските извештаи на банката. На крајот на 2025 година, Алта пријавила готовина и средства кај централната банка во вредност од околу 770 милиони евра, додека во трезорот наводно имало дури 460 милиони евра. Истражителите се сомневаат дека значителен дел од прикажаните средства воопшто не постоел. Според истражната наредба, околу 370 милиони евра од прометот на менувачниците Алта пеј не стигнале до банката, а дополнителни 17 милиони евра биле физички изнесени од трезорот.

На 3 ноември Алта банка остана без дозвола за работа и влезе во стечај. Истрагата треба да утврди како функционирала шемата и кој сè бил вклучен во финансиските злоупотреби.