Извршниот одбор на Народната банка на Србија одлучи да ги заостри монетарните услови, зголемувајќи ја референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно на 6 проценти, соопшти централната банка.

Истовремено, зголемени се и каматните стапки на депозитните олеснувања, на 4,75 проценти, како и на кредитните олеснувања, на 7,25 проценти.

Од Народната банка образложуваат дека одлуката е донесена имајќи ги предвид досегашните и очекуваните движења на инфлацијата, како и ризиците од меѓународното и домашното опкружување.

Според централната банка, зголемувањето на каматната стапка е навремена и соодветна мерка за да се спречат поголеми секундарни ефекти од енергетскиот шок врз цените на другите производи и услуги и да се зачува ценовната стабилност на среден рок.