Половина од државните расходи ќе одат за социјални трансфери, капиталните инвестиции ќе изнесуваат 663,7 милиони евра, а државата планира буџетски дефицит од 731,7 милиони евра

Предлог-буџетот за 2027 година предвидува државата да потроши 7,2 милијарди евра, додека планираните приходи изнесуваат околу 6,4 милијарди евра. Разликата меѓу приходите и расходите ќе создаде буџетски дефицит од 731,7 милиони евра, односно 3,5 проценти од бруто-домашниот производ. Најголем дел од парите и следната година ќе бидат наменети за социјални трансфери. За оваа ставка се планирани 3,6 милијарди евра, што претставува половина од вкупните државни расходи. Во рамките на нив, најголемото издвојување е за пензиите, за кои се предвидени речиси две милијарди евра.

Тоа е зголемување од околу 92 милиони евра, односно 4,8 проценти во споредба со ребалансот на Буџетот за 2026 година. Истовремено, државата ќе издвои околу 405 милиони евра за плаќање камати по основ на задолжувањата. Оваа сума е за 18,2 проценти повисока од планираната за годинава.

За плати и надоместоци во јавниот сектор се предвидени 930,2 милиони евра, што е зголемување за повеќе од 55 милиони евра, или 6,4 проценти во однос на ребалансот за 2026 година. Субвенциите и трансферите ќе достигнат 534,6 милиони евра, што претставува раст од 7,4 проценти. Од друга страна, за директните социјални надоместоци се планирани 232,5 милиони евра, што е намалување за два проценти во споредба со последниот план за 2026 година.

За редовното функционирање на институциите, односно за стоки и услуги, се предвидени 453 милиони евра, со раст од 2,8 проценти. За капитални расходи во 2027 година се планирани 663,7 милиони евра. Во споредба со ребалансот за 2026 година, тоа е зголемување од околу 11 милиони евра, или 1,7 проценти. Капиталните инвестиции ќе учествуваат со само 9,3 проценти во вкупните расходи. Дополнително, планираниот износ е понизок од првичните околу 740 милиони евра предвидени со Буџетот за 2026 година.

Средствата треба да бидат насочени кон инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10-д, патната и железничката инфраструктура, како и инвестиции во здравството, образованието и земјоделството.

Меѓу конкретно наведените проекти се продолжувањето на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка на Коридорот 8 и програмата за локални патишта, со која е предвидена финансиска поддршка за 80 општини. На приходната страна, најголем дел од средствата треба да се обезбедат преку даноци, од кои се очекуваат околу 3,6 милијарди евра. Социјалните придонеси се проектирани на речиси 2,2 милијарди евра. ДДВ и понатаму ќе биде најголемиот извор на даночни приходи. Од овој данок се очекуваат 2,63 милијарди евра, што претставува речиси 45 проценти од вкупните даночни приходи.

Од персоналниот данок се планираат 682,9 милиони евра, од акцизите 518,7 милиони евра, а од данокот на добивка 447,1 милион евра. Во однос на ребалансот за 2026 година, даночните приходи се планирани со раст од 6,4 проценти, додека приходите од придонеси треба да се зголемат за 9,3 проценти.

Предлог-буџетот за 2027 година е изработен врз основа на проектиран економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти. Министерството за финансии најавува постепена фискална консолидација, рационализација на расходите и одржување на стабилноста на јавните финансии.