Колку пари му требаат на едно семејство за да ги задоволи основните потреби во текот на еден месец? Да плати сметки, пазарува храна, обезбеди гориво…Синдикатите и Владата со различни пресметки. Според Сојузот на синдикатите на Македонија, вредноста на минималната синдикална кошница за ноември изнесува 70.827 денари, додека според Министерството за економија и труд, просечната потрошувачка кошничка за октомври изнесувала 59.149 денари. Разликата е 11.678 денари, но треба да се спомене дека пресметките се вршат на различни начини и методологии.
Според најновите податоци на ССМ, минималната синдикална кошница во ноември е зголемена за 469 денари во споредба со октомври, кога изнесувала 70.358 денари. Дополнителен трошок за семејствата што живеат под кирија е станарината. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, вредноста на синдикалната кошница достигнува 86.202 денари, односно за 15.375 денари повеќе од основната пресметка. Најголем дел од средствата во синдикалната кошница одат за храна и пијалаци, 25.902 денари, што претставува 36,6% од вкупните месечни трошоци. За домување, вода, електрична енергија и греење се предвидени 6.379 денари, додека за облека и обувки се потребни 6.684 денари. За образование се издвоени 7.192 денари, за рекреација и култура 6.592, а за транспорт 5.105 денари.
Пресметката на Министерството за економија и труд пак, покажува пониска вредност на потрошувачката кошничка. Министерот Бесар Дурмиши соопшти дека просечната потрошувачка кошничка во октомври изнесувала 59.149 денари, што е зголемување за 942 денари, односно 1,6% во споредба со септември.
Според објаснувањето на министерот, најголемо зголемување на трошоците е забележано кај храната и пијалаците, особено кај зеленчукот и овошјето. Раст има и кај домувањето, облеката и обувките, рекреацијата и културата, електричната енергија, гасот и другите горива. „Засега цените се во рамки на релативна пазарна стабилност. Нашата цел е да интервенираме само ако има потреба, односно економска оправданост. Кога ќе бидеме известени од Државниот пазарен инспекторат дека има девијантно однесување кај трговците, тогаш ќе постапиме“, изјави Дурмиши.
Овие износи се просечни пресметки кои даваат општа слика за месечните трошоци. Сепак, навиките, бројот на членовите, возраста, начинот на живот, но и можностите на семејниот буџет се разликуваат. Затоа, без оглед на тоа која пресметка се зема како основа, секое семејство најдобро знае колку му се потребни за да го помине месецот и кои трошоци најмногу му го оптоваруваат буџетот.