Околу пет милијарди евра ќе треба да обезбеди Македонија во 2027 и 2028 година за сервисирање и рефинансирање на финансиските обврски и за покривање на буџетскиот дефицит, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Делчево.

Одговарајќи на критиките на опозицијата за предложениот буџет за 2027 година, особено за капиталните инвестиции, Мицкоски ја обвини претходната власт дека оставила големи финансиски обврски.

„За 2027 и 2028 година, за да ги платиме каматите на заемите на претходната влада, истите да ги рефинансираме, да ги рефинансираме домашните заеми, да го рефинансираме буџетскиот дефицит, којшто генерално е содржан во рамките на капиталните инвестиции, ни се потребни околу 5 милијарди евра“, изјави Мицкоски.

Според него, толку средства државата треба да обезбеди во следните две години, а за состојбата тој ја посочи одговорноста на претходната влада.

„Толку пари треба да обезбедиме за следните две години. Со толку практично тие ги задолжиле неродените генерации“, рече премиерот.

Мицкоски ги отфрли критиките дека буџетот за следната година не е добро проектиран, наведувајќи дека реализацијата на капиталните инвестиции во тековната година достигнала 70 проценти.

Тој истовремено ја обвини опозицијата дека шири песимизам во однос на економските состојби.

„Тие од 2024 година па наваму се молат секоја година да банкротира државата, да биде нешто неубаво за да на ними биде убаво“, изјави Мицкоски.

Премиерот оцени дека економските резултати се подобруваат, но нагласи дека пред државата остануваат бројни предизвици.

Износот од пет милијарди евра што го наведе се однесува на повеќе финансиски потреби во двегодишен период, а не исклучиво на отплата на главнината на долговите од претходната влада.