Пензискиот фонд во Македонија станува сè позависен од државниот буџет, а најновите финансиски податоци покажуваат дека повеќе од 40 проценти од неговите приходи се обезбедуваат преку буџетски трансфери.

Според финансиските податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), во 2025 година од државната каса биле префрлени 53,86 милијарди денари, односно приближно 876 милиони евра.

Оваа сума претставува 40,36 проценти од вкупните приходи на Фондот, што е значително зголемување во споредба со 2024 година, кога учеството на буџетските средства изнесувало 36,71 процент.

За само една година, трансферите од државниот буџет се зголемиле за околу 11,39 милијарди денари, односно за речиси 27 проценти.

Од секои 100 денари приходи, над 40 доаѓаат од државниот буџет

Вкупните приходи на ПИОМ во 2025 година достигнале 133,45 милијарди денари, од кои 77,69 милијарди денари биле обезбедени преку придонеси за пензиско осигурување.

Тоа значи дека придонесите учествувале со 58,22 проценти во приходите, додека остатокот главно бил покриен со средства од државниот буџет.

Од буџетските трансфери, 35,68 милијарди денари биле наменети за покривање на тековниот дефицит, додека околу 16 милијарди денари се однесувале на транзициските трошоци поврзани со пензискиот систем.

Над 107 милијарди денари потрошени за пензии

Вкупните расходи на Фондот во 2025 година изнесувале 132,75 милијарди денари. Најголемиот дел, односно 107,85 милијарди денари, биле издвоени за исплата на пензии.

На крајот на минатата година во Македонија биле регистрирани 348.795 корисници на пензија, што е за околу 3.000 повеќе во споредба со претходната година.

Иако Фондот ја завршил годината со позитивна разлика меѓу приходите и расходите од приближно 694 милиони денари, ова салдо е остварено со значителна финансиска поддршка од државниот буџет.

Дополнително, за здравствено осигурување на пензионерите биле потрошени 9,38 милијарди денари, додека трансферите кон приватните пензиски фондови, односно вториот пензиски столб, достигнале 14,87 милијарди денари.

Финансиските показатели потврдуваат дека придонесите од вработените и понатаму не се доволни за покривање на сите обврски на пензискиот систем.

Зголеменото учество на буџетските трансфери отвора прашања за долгорочната финансиска одржливост на Фондот, особено во услови на стареење на населението и зголемување на бројот на пензионери.