Македонија е меѓу трите европски држави со највисока младинска невработеност, со стапка од 29 отсто во вториот квартал од 2026 година, покажуваат податоците на Евростат. Полоши резултати имаат само Босна и Херцеговина со 32,2 отсто и Романија со 30,7 отсто.

Податоците се однесуваат на младите од 15 до 24 години кои се дел од работната сила, односно работат или активно бараат вработување. За споредба, просекот во Европската унија изнесува 15,6 отсто, речиси двојно помалку од стапката во Македонија.

Висока невработеност кај младите бележат и Шведска (24,9 отсто), Србија (24,2 отсто), Шпанија (23,9 отсто) и Франција (21,6 отсто). Најниски стапки имаат Малта со 6,8 отсто и Германија со 7,3 отсто.

Експертите посочуваат дека тешкотиите при пронаоѓањето на првото работно место, недостигот од искуство и краткорочните договори се меѓу главните пречки за младите. Според Сара Елдер од Меѓународната организација на трудот, особено голем јаз меѓу невработеноста кај младите и кај возрасните укажува на системски пречки при влезот на пазарот на труд.

Како добри примери се издвојуваат Германија, Австрија и Швајцарија, каде што дуалното образование и платената практична обука им овозможуваат на младите полесно да стекнат искуство и да се вклучат во работниот процес.