Потпретседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Борис Вујчиќ и членот на Управниот совет на таа институција, Мартин Кохер, наговестија дека монетарната политика на Еврозоната би можела дополнително да се заостри, со очекувања дека ЕЦБ ќе ги зголеми референтните каматни стапки за 0,25 процентни поени веќе во декември.
Вујчиќ изјави дека, судејќи според сегашните околности, очекувањата на пазарот за зголемување на каматните стапки би можеле да се покажат како точни, доколку во меѓувреме не се случат непредвидени настани.
Зборувајќи за економските трендови во Еврозоната, Вујчиќ оцени дека економијата се покажала како поотпорна од очекуваното и дека сегашниот економски раст е приближно на ниво на потенцијалната стапка на раст, објави Блумберг.