Домаќинствата во Европската Унија во 2025 година издвојувале во просек 19 отсто од расположливиот доход за трошоци за домување, покажуваат податоците на Евростат. Најголем дел од доходот за домување издвојувале домаќинствата во Грција, 35 отсто, а најмал во Кипар, 11 отсто.

Повеќе од две третини од жителите на ЕУ, односно 68 отсто, живееле во дом во сопственост на нивното домаќинство. Највисок удел имала Словачка со 94 отсто, а најнизок Германија со 47 отсто.

Податоците се дел од интерактивната публикација на Евростат „Домувањето во Европа“ за 2026 година. Таа овозможува споредба меѓу земјите според условите за живеење, квалитетот на домовите, цените на становите и достапноста на домувањето. Публикацијата ги опфаќа и инвестициите во градежништвото и издадените градежни дозволи.