Денес исплива една вест, што искрено да кажам, не верував дека ќе ја слушнам од било кој разумен во нашата земја, а особено не од некој правен ентитет. НГО или сојуз на синдикати.

Имено, анџак нашата држава се накани да почне да го раслојува некако проблемот со превработениот и гломазен јавен сектор и илјадниците непотребно вработени партиски војници, кои го дозапустија и онака малиот државен буџет, денес се јавија „адвокатите на ѓаволот“ преставени во Конфедерација на слободни синдикати ( што и да значи ова нивно име…). И во нивното коминике се вели :

„Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија бара Владата и Министерството за информатичко општество и администрација да се откажат од идејата за трансфер од јавен во приватен сектор, бидејќи како што велат, идејата воопшто не е издржана, а уште потешко е да се имплементира во пракса.“

Тука две работи ми „запнаа“ за око. Првата, идејата воопшто не е издржана – па идејата сеуште не е претставена. Идејата е да се извадат илјадници џаболебари од канцелариите и да се стават во погоните и на нивите „во погон“. Тоа е идејата. И таа се разговара… Нема конктретни насоки сеуште како тоа да се изведува. Само се наговестува дека после фамозните „одмори“ ( читај од септември натаму ) метлата и мечката ќе заигра. Моделот ќе го пронаоѓаме во иднина. Ова е само замисла и предлог.

Вториот дел кој ми е особено интересен од „коминикето“ на Конфедерацијава е и бидејќи не се знае како ќе се изведува и кој се ќе биде опфатен и во кој обем, сепак овие адвокати на ѓаволот, кои со сигурност носат „Прада“ се сигурни дека не може да се имплементира во пракса ваков проект. Стварно, што ви е на Вас од владата? Како мислите да имплементирате ваков проект во пракса со луѓе кои со децении партиски ухлебени, потонати во лој и мрза сега очекувате кооперативност за да ги ставите во приватен сектор „да им ја вадат мастта“? Тој филм не го гледате. Тие и низ нотка во дописот наговестуваат НЕ-соработка, особено во крајниот дел од пасусот. Па тие бре луѓе, не се научени на „приватни норми“… Нивните обврски завршиле со партиските активности, тие имаат преференцијален статус во ова општество…

Имам и јас еден предлог до владата во врска со овој „пркос“. Секој што не соработува со изведбата на проектот, просто и директно врачете му отказ. И немојте да се бламирате како со „рамковните“ молења – да им се понуди едно, па друго, па трето работно место и на крај со доручек в кревет фино да ги замолиме да се појават на четвртово работно место. Абре луѓе, капитализам е ова… отказот е сеуште инструмент, или тој важи само за приватниот сектор, не и за привилегираните? Немајте гајле, ќе добие отказот на релевантност како што ќе се приближуваме кон ЕУ…

Вториов дел од „коминикево“ е уште посмешен и пострашен. КСС дава насоки што да се прави со јавниот сектор:  -Да се замрзнат вработувањата во јавниот сектор, а не да се вработуваат нови партиски и нестручни кадри, а потоа да ги “трансферираат” оние кои имаат подолго искуство. Вработените во јавниот сектор се изложени на постојан притисок со „трансферот”, а досега нема предложено никаков конкретен модел

Прво, самата помисла синдикат да дава насоки на јавната политика е наш автохтон изум. И навистина, што бараат нови партиски и нестучни кадри во јавниот сектор. Еднаш веќе ги примивме… децении на назад. Па сега тие се „обучија“ и греота е да се отпуштат и на нивно место да дојдат нови такви. Како приказната со рибарот и комарците. Нема што да се бркаат старите и полни со исцицана крв – комарци, бидејќи новите гладни комарци ќе цицаат повеќе крв. Што донекаде има и некоја логига, но овде сега, со ослободувањето на ЕУ и НАТО процесите, нема да има замена на комарците, туку нивна ликвидација. Тенденцијата ќе биде да се ликвидираат комарците, а не да се заменуваат. Од сега, па натаму.

И понатаму, јас стварно мислам дека претерала владата со „трансферот“ бидејќи вработените во јавниот сектор биле изложени на постојан притисок. Повторувам, вработените во јавниот сектор биле изложени на постојан притисок. Па оваа реченица е оксиморон, сама по себе. Освен ако не мислат на постојаниот притисок кога мораа до пред некое време да бидат на списоци, по автобуси и други партиски неандерталски притисоци, јас искрено не знам за кој притисок мислат. Можеби мислат на помислата дека се ближи разрешување и „трансфер“ на неспособните, неквалификуваните, мрзеливите и необразованите? Е другари ако мислите на тој притисок, добредојдовте во реалниот свет… Секој вработен во приватен сектор секој ден има 2 тони ваков притисок над главата бидејќи ако неговиот газда не е задоволен го отпушта „без око да му трепне“… или овие вработени можат да се носат со овој притисок?

Море, допрва „долази време притиска“….  И тоа ако нашата власт не може сега да го реши, ќе го реши некоја наредна, кога ЕУ и нејзините финансиски инструменти ќе ја затегнат уздата… А блиску е тој ден. И не знам зошто е толку тоа трагично? Па премиерот на Србија – Вучиќ во неколку потези „среди“  40-60,000 јавни административци во Србија. И тој не сакаше… Ама ММФ сакаше… Сакаше и Светска Банка… А Бога ми и буџетот на Србија сакаше… И се спроведе „реформата“…. Исто ќе биде и кај нас. Овие работи се унифицирани, и нема тука ништо страшно….Па не може бре луѓе овој сиромашен народ да плаќа олкав државен апарат кој во суштина не работи ништо во работното време. Ова неколкудецениско лудило мора да запре….

Затоа, мое мислење до тој кој ќе го спроводува овој проект е следното. Да се изврши одлучно, решително и длабоко. За да не се повторува процесот понатаму. Да не се дозволи заради партиски интереси да страдаат буџетските и државните интереси. Сето изведено поинаку, само ќе го одложи проблемот, а нема и да го реши. Секако оваа Влада го превзеде најголемиот ризик и го заврши деценискиот спор со името. Ова нека биде вториот горчлив чекор кој мора да го превземе, и мора да се превземе решително…. Во поглед на негативните кометари и дејствија well, haters will always hate….

 

Наум Димитровски