Јапонската влада планира да вклучи дополнителни 302 милијарди долари за директно трошење во буџетски расходи како дел од вториот пакет-мерки за ублажување на економското влијание од пандемијата на коронавирусот, а денес се очекува одлуката, објави весникот „Маиниќи“.

Трошењето на 32,5 билиона јени (302 милијарди долари) ќе биде дел од стимулативната програма вредна 110 билиони јени, се вели во весникот, пренесува „Ројтерс“.

Оваа сума ја надминува вредноста на претходното зголемување на буџетските расходи за економска поддршка од 25,6 билиони јени, со што вкупните вонредни средства што државата досега ги вети ќе надминат 58 билиони јени, со цел да се намалат негативните ефекти од здравствената криза врз економската активност.

Зголемувањето на буџетската потрошувачка подразбира и издавање дополнителни државни обврзници, се вели во весникот.

Јапонија донесе рекорден пакет од 117 билиони јени во април, кој се фокусира на исплата на готовина за домаќинствата и за санирање на директната штета од пандемијата.

Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, на прес-конференција рече дека вкупниот обем на стимулации од двата економски пакета ќе надмине 200 билиони јени, што е речиси 40 проценти од домашниот бруто-производ на Јапонија.