australiaАвстралиската економија во вториот квартал се зголеми за 0,2 проценти во однос на претходниот квартал, побавно од очекуваното, поради послабата кинеска побарувачката на суровини, вклучувајќи железна руда и јаглен, покажуваат податоците на владата на Австралија.

Во анкетата на Ројтерс аналитичарите очекуваа раст од 0,4 проценти, откако во првиот квартал австралиската економија, која е базирана на извозот на суровини, се зголеми за 0,9 проценти.

Последните податоци од Австралиското биро за статистика покажуваат најспор квартален раст од првиот квартал во 2013 година. На годишна основа, сепак, бруто-домашниот производ (БДП) се зголеми за 2,0 проценти далеку под долгорочниот австралиски просек од 3,2 проценти.

Министерот за финансии Joe Hockey изјави дека најновите податоци за австралиската економија се доказ дека економијата е отпорна, бидејќи другите економии кои се потпираат на извозот на суровини, како што се Канада и Бразил се во рецесија.

Австралиската економија за 25 години постојано се зголемува, иако падот на цената  на железната руда и јагленот, кои сочинуваат најголем дел од извозот на земјата, ги задушуваат стапките на раст во последниве години.

Hockey изјави дека забавувањето во инвестициите во рударскиот сектор во вториот квартал е надоместен со зголемување на инвестициите во градежната и услужната индустрија.

Тој додаде дека силниот раст на економијата на САД, трет по големина трговски партнер на Австралија, ја остави Австралија “релативно добро позиционирана за секоја неочекувана слабост во Кина”, најголемиот трговски партнер на Австралија.

Забавувањето на растот на кинеската економија, најголемиот потрошувач на суровини во светот, предизвика пад на побарувачката за суровини и намалување на нивните цени. Според аналитичарите тоа е главната причина за падот на австралиската економија.

За поттикнување на економскиот раст, централната банка на Австралија долго време води многу лабава монетарна политика и основната каматна стапка од мај се движи на рекордно ниско ниво од 2 проценти.