dollarДоларот во вторникот на меѓународните девизни пазари падна од највисокото ниво во последните осум месеци во однос на кошницата валути, а тргувањето е претпазливо делумно поради празниците оваа недела, поради што курсевите на водечките светски валути може да се задржат во тесен опсег.

Долар индексот падна за 0,15 проценти на 99,63 поени откако во понеделникот во еден момент постигна 100 поени, највисоко ниво во последните осум месеци.

Обемот на тргување според трговците најверојатно ќе остане слаб, поради празнично расположение поврзано со одбележувањето на Денот на благодарноста во САД.

Европската валута благо зајакна во однос на доларот, на 1,0645 $, откако во одреден момент се спушти на најниско ниво во последните седум месеци од 1,0592 $.

Во фокусот ќе биде и најновиот податок за американскиот економски раст, кој може да обезбеди нови насоки во однос на циклусот на зголемување на каматните стапки во САД, за кој многумина веруваат дека ќе се случи во декември.

“Поради зголемените шанси Банката на федерални резерви да ги зголеми каматните стапки во декември, дискусиите ќе бидат пренасочени на тоа дали идните зголемувања на каматните стапки ќе се одвиваат бавно и постепено”, изјави Jeremy Stretch, валутен аналитичар во CIBC World Markets.