Предвидено е да се покрие процент од приходите остварени во првите три месеци годинава во форма на директна помош, најави премиерот Зоран Заев, а според министерот за економија Крешник Бектеши, мерките ќе се објават на почетокот на наредната недела

Угостителите кои поради ширењето на пандемијата ќе бидат затворени две недели сепак ќе ја добијат бараната дополнителна финансиска помош од државата. Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека сите економски оператори кои овие две недели ќе бидат затворени заради третиот бран на коронакризата, меѓу кои се и фитнес клубовите и обложувалниците, ќе бидат опфатени со нови мерки. Конкретно, тие ќе добијат одреден процент од приходите остварени во првите три месеци годинава

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, помош ќе има и за рестораните за свадби кои се најпогодени од секторот зашто долго време се затворени.

-Во моментов, приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните. За сите настанати штети во економијата како и досега државата ќе излезе во пресрет. За нас во Владата секое вбризгување на пари за помош на стопанството, на работниците, на нивната ликвидност, на потрошувачката ни враќа во Буџетот пари. Предвидено е да се покрие процент од приходите остварени во првите три месеци годинава во форма на директна помош, рече Заев на вчерашната прес-конференција.

Тој нагласи дека како и во вонредната состојба, угостителските објекти кои вршат достава може да продолжат да го прават тоа и по полицискиот час со соодветни дозволи за движење, а може да имаат и шалтерска продажба. Сепак, угостителите излегоа со став дека на повеќето од нив тоа не им е исплатливо, па побараа вонредна финансиска помош за да опстанат. Во спротивно се заканија со отпуштање на вработени, а некои рекоа дека тоа веќе и го направиле.

Вицепремиерот Битиќи рече дека нема да се прават отстапки, па ако е потребно со посебни мерки ќе се поддржат и рестораните за свадби. Но, како што појасни, прво треба да влезат системот, зашто најголемиот дел не се соодветно категоризирани и не можат да се разграничат од другите угостителски објекти.

-Не може да се прават отстапки, ќе се направи се да влезат во системот, да се категоризираат и ако е потребно да се поддржат со посебни мерки. Вистината дали биде подржани не е целосно на нивна страна зашто правевме сеопфатни мерки, беа една од целните групи за бескаматните кредити, Ковид 3 и 4 кои беа наменети за угостителскиот сектор. Кредитите се дел со неповратни средства. Дополнително лани и годинава со субвенционирање плати тие се најмногу поддржани зашто имаат најголем пад на приходите. Сфаќаме дека се најмногу на удар, најтешко ќе се вратат во стопанството, размислуваме како нив и другите да ги поддржиме со развојни програми и тоа и ќе го направиме, рече Битиќи.

Претходно министерот за економија Крешник Бектеши најави дека е направен моделот според кој ќе бидат поддржани угостителите, а мерките ќе се објават на почетокот ан наредната недела.

-На почетокот на следната недела ќе бидат објавени мерките, согласно анализите и можностите во буџетот ќе ги повикаме сите угостителски здруженија и комори ќе го утврдиме процентот на финансиска поддршка, истакна тој и ги повика работодавците да не отпуштаат работници, зашто помошта ќе стигне.

Сојузот на стопански комори вчера упати апел итно да се исплати помошта за туристичко-угостителскиот сектор. Од оваа комора предупредија дека ако веднаш не се донесе петтиот пакет мерки и не се даде дополнителна помош, овој сектор ќе биде неповратно оштетен. Потсетуваат дека никаква помош не е доделена уште од декември лани.