Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вчера во Владата ја промовираше бескаматната кредитна линија „Ковид 4“, во износ од десет милиони евра, како дел од шестиот пакет антикризни мерки.

Како што изјави на прес-конференцијата Битиќи, оваа кредитна линија предвидува грантови до 15.000 евра за фирми од најпогодените сектори – туризам, угостителство, ивент индустрија, приватни здравствени установи, трговци поединци и занаетчии, доколку отворат нови работни места и ги зголемат приходите.

-Воочуваме постепено и стабилно подобрување на економската состојба што се отсликува преку повеќе макроекономски индикатори, повеќе статистички параметри кои укажуваат дека економијата оди во нагорна линија, рече Битиќи.

Тој дополни дека износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност на бројот на вработените и падот на приходите, а роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеци со 12 месеци грејс период.